Во една од почудните вести периодов, деновиве прочитавме дека акциите на Снепчет паднале за 1.5 милијарди долари. Причината за овој пад, според некои медиуми, е твитот на Кајли Џенер во кој таа го изразува своето незадоволство од новиот дизајн на социјалната мрежа.

Снепчет и претходно се соочи со негативен фидбек од страна на корисниците, кои очигледно не се презадоволни од новините претставени во апликацијата.

Влијанието на социјалните мрежи врз јавното мислење

Во секој случај, вчудоневидувачки е степенот до кој Инстаграм „celebrities“ влијаат врз судбината на технолошките гиганти. Прашање е колку навистина твитот на Џенер влијаел врз падот на акциите на Снепчет (веројатно целиот случај е overblown).

Но, несомнено е влијанието кое би можело нејзиното „мислење“ да го има врз нејзините следбеници (кои се бројат во десетици милиони). Бурата која настана низ различни американските медиуми пак, сугерира дека истите се во брканица по лајкови и кликови.

Сепак, славни личности како Кајли Џенер треба поодговорно да раководат со своите социјални профили (или пак да влијаат врз луѓето кои што го водат нејзиниот профил). Но, за тоа е потребна свесност за влијанието кое што го имаат врз следбениците и останатите корисници на социјалните мрежи. Верувам дека таа свесност недостига кај Џенер.

Можеби е претерана споредбата, но најблиску до „одговорна“ употреба на социјалните мрежи се наоѓа Двејн „Карпата“ Џонсон, кој го употребува Инстаграм за да влее инспирација кај следбениците. Без разлика дали тоа се работи за правилна исхрана и вежбање (и за неговите легендарни „cheat meals”), или пак за лична мотивација.

Колку и да изгледа недостижен нивниот животен стил, ѕвездите како Карпата не инспирираат барем да „мрднеме со прстот“ и да направиме некоја промена, без разлика колку е таа минимална. Инспирацијата која што можеме да ја добиеме од Кајли Џенер, се сведува на менување на боја на ноктите или на косата. Во најдобар случај.

Претходна статијаИлина Вељановска: Со “Создади” ќе им помагаме на маргинализираните креативци и мали бизниси
Следна статијаЖан Митрев Клиника одбележа 18 години