Пред неколку денови почна да се прикажува Одмаздници: Војната на бесконечноста (се’ уште го немам гледано, очекувајте рецензија). Филмот изобилува со суперхерои кои изгледаат како полубогови: мускулести, совршени фризури и лица, притоа доволно способни да го спасуваат светот од натприродни сили, на повеќе наврати.

Меѓутоа, дури и во областа на суперхеројските филмови некои луѓе пронаоѓаат сексизам. Односно, сексизмот го детектираат во начинот на којшто се прикажани главните хероини. А, сексизмот несомнено постои, барем според писателката на The Verge, која нуди историски осврт на начинот на којшто биле прикажани косите на хероините во некои од најпознатите стрипови (во отсуство на поважна тема за обработување).

Таа има проблем со практичноста на имањето совршена фризура среде битка со војска на зомбија или други чудовишта и негативци. Постојат повеќе проблеми со оваа констатација. За почеток, се работи за измислен универзум во кој постојат поединци со суперчовечки способности.

Значи, не се работи за историска биографија, ниту пак филм за животот на Винстон Черчил. Понатаму, како да се игнорира фактот што Тор речиси секогаш има совршени локни, или пак тоа што Тони Старк има совршено сочувана брадичка 100% од времето (освен кога беше заробен од терористи во првиот дел).

Истото важи и за Локи, и за сите останати суперхерои. Тие мора да изгледаат одлично и привлечно. Тоа продава кино-билети. Ако почнеме да бараме општествени феномени и проблеми во начинот на кој се прикажани фризурите на овие ликови, тогаш зошто да не го сториме истото и со нивните стомачни мускули, бицепси и физички способности.

Зошто Тор има магичен чекан, а Црната Вдовица има само фенси костим и нинџа-вештини? А зошто пак Wonder Woman има неверојатни физички способности, а Hawkeye „само“ ја има способноста совршено да стрела?

Поради тоа што се работи за имагинација. Ете зошто.

Претходна статијаSamsung ги претстави Galaxy А6 и А6+ со напредна камера, елегантен дизајн и дополнителни карактеристики за секојдневно користење
Следна статијаFacebook најави „Clear History“ опција за бришење на информациите добиени од веб страните и апликациите