Замислете дека сте платиле 50 евра за ски патување во Маврово. Сте купиле и слично патување за на Попова Шапка, но за 100 евра. Од некоја причина, патувањата се поклопуваат во ист викенд, и мора да одберете едно. Имате сигурни информации дека во Маврово ќе си поминете далеку позабавно. Што ќе одберете, Маврово или Шапка?

Ова сценарио (без Маврово и Шапка) било дел од истражување спроведено од страна на истражувачи од Охајо, САД. Тие прашале 61 студент дали ќе го изберат поевтиното, но позабавно патување, или поскапото, но помалку интересно патување. Од нив, 33 студенти го избрале поскапото.

Зошто?

Секој од нас верува дека носи одлуки врз основа на разум и мноштво од информации. Едноставно, не сме способни за глупави потези и несфатливи одлуки.

Вистината е дека често одлуките ги носиме врз основа на „инвестицијата“ што претходела на таа одлука. Ако не отидеме на поскапото патување, ќе се чувствуваме како да сме ги фрлиле парите во воздух.

Кога ќе нарачаме премногу храна, ќе ја дојадеме по секоја цена, бидејќи веќе сме ја платиле. Штета е да се фрли. Ако нарачаш чизбургер, можеш комотно да нарачаш и литро кока кола и пола кило помфрит наместо салата и вода. Зошто да не се докрајчиш?

Колку подолго си во врска, толку е потешко истата да ја прекинеш, дури и кога се чувствуваш многу лошо околу врската или конкретната личност. Се разбира, нештата може да се многу покомплексни во овој случај, ама you get my point.

Сите овие се примери на когнитивната предрасуда од која често патиме, наречена заблуда на потонат трошок (sunk-cost fallacy). Оваа заблуда не приморува да носиме ирационални одлуки како последица на тоа што сме вложиле пари или време во нешто што повеќе не ни носи задоволство.

Image result for sunk cost fallacy

Избегнуваме болка во сегашноста, на сметка на среќа во иднината

Заблудата на потонат трошок се појавува поради различни причини. Се чувствуваме лошо поради тоа што нашата „инвестиција“ не се „исплатила“ така како што сме очекувале. Или, не сакаме да признаеме пред други луѓе дека сме донеле погрешна или глупава одлука.

Она за што треба да сме свесни е дека минатите одлуки за кои потсвесно знаеме дека се погрешни, не треба да ја диктираат нашата сегашност и иднина. Парите или времето кое сме ги потрошиле на некој предмет, искуство или личност се веќе „потрошени“. Тие се неповратни. Сепак, наштимани сме да избегнуваме загуби, а не да се фокусираме на идни успеси (поврзано и со друга когнитивна предрасуда – одбивност кон загуба).

Едно е сигурно. Кога продолжуваме да посветуваме внимание на нешта што не прават несреќни, не само што нема да си ја вратиме инвестицијата, туку ќе потрошиме уште повеќе ресурси (време, внимание, пари итн.).

И пак ќе бидеме незадоволни.

——————————————

Претходни текстови за когнитивни предрасуди:


Претходна статијаAirbus ќе престане со производство на легендарниот A380
Следна статијаКинеските телефони држат 32% од европскиот пазар