Пред некој период прочитав еден од подобрите постови на Facebook кој ми привлече бајаги внимание. Станува збор за пост на Блаже Аризановко-основач на StayUncle, стартап кој предизвика голема бура во Индија (повеќе за тоа, тука). Постот е поврзан со иновативниот модел на Естонија за т.н. е-живеалиште (e-Residence) и „зародишот на концептот на Интернет нација“ (vs. географска/етничка заедница)

Еве накратко за што станува збор и неколку генерални лекции за Македонија.

Во 2014 година, Естонија, екс-социјалистичка земја од 1.3 мил жители, стана првата земја која ја лансира дигиталната програма „е-живеалиште“. Ова е само една од програмите на Естонија да стане „дигитална република за глобални граѓани“, и да биде лидер во нов модел на државно управување. Концептот, осмислен од Kaspar Korjus и Ruth Annus, има за цел да привлече што поголем број претприемачи, фриленсери, итн. Естонија им нуди дигитален идентитет (ID) со кој претприемачите можат да водат бизнис низ цела ЕУ и пошироко исто како да се жители на Естонија. Едноставно кажано, имаш бизнис-права како да си жител на Естонија а реално можеш да живееш било каде. Е-естонците можат да отворат банкарска сметка, да основаат компанија, да потпишуваат договори и разни документи, итн.  

Моделот е релативно нов но е стратешки поставен имајќи предвид каде се движи светот и кои се потребите на претприемачите и бизнисите на новото време.

Три лекции за Македонија

  1. Прво, да расчистиме нешто од сам старт – не постојат оправдувања зошто сме неуспешни! Ресурси, големина, што и да е, Естонија се соочува со сличните „ограничувања“. Клучот, меѓудругото, е во стратешко позиционирање (и, секако, политичка волја за имплементација) онаму каде што можеш да имаш предност како заедница/држава.
  2. Како Држава/општество мора да знаеме каде одиме. Естонија не биле тоа што се во 91’. Патем, биле пост-социјалистичка утепаница како сите останати. Но брзо и одлучно решија да расчистат со социјализмот и да работат на создавање либерална, конкурентна земја која ќе привлекува капитал и бизниси, особено оние со високо додадена вредност (high-tech). Крајно време е ние да го направиме истиот рез со минатото и да свртиме нов лист.  
  3. Државите денеска повеќе од било кога претходно се во конкуренција кој ќе има попаметни политики. Капиталот и идеите лесно се селат – се бараат најпаметните политики за нивно привлекување. Она што е добро за Македонија е што сме толку назад скоро по секој параметар што има голем простор за подобрување и со мали политички потези. Крајно време е ова сериозно да го сфатиме и да засукаме ракави.
Претходна статијаМакпетрол ги додели наградите од третото мастер и шестото редовно коло од наградна игра „ВЕРНА повторно наградува“
Следна статијаКако да реагирате во сообраќајот кога ќе чуете сирени?
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.