Очигледно, постојат голем број легитимни причини зошто некој би пишувал под псевдоним – од наједноставната (чисто од забава), до загриженост за безбедност, политички или економски последици, итн. Ова особено во земји – како што е донекаде и нашата – каде што политичарите имаат релативно неограничени моќи за „одмазда“ а корпорациите и бизнисите не се осмелуваат да им се спротистават.

Псевдонимноста/анонимноста обезбедува одредена заштита (дефинитивно, не целосна), со тоа што овозможува на граѓаните да учествуваат во јавните дебати на Интернет, форуми, итн.

Интересно, овие „алатки“ за донекаде „заштитена“ комуникација се користени и историски од голем број џинови на политичко-општествената сцена. На пример, Државниот архив на РМ има објавено цела книга „Псевдонимите на ВМРО“ имајќи предвид дека „псевдонимите биле важен елемент на техника на комуникација на Македонската револуционерна организација“ (Гоце Делчев бил „Ахил“). Или пак, татковците на САД – Хамилтон, Медисон и Џон Џеј –авторите на Federalist Papers (кои претходеле на донесувањето на феноменалниот американски Устав) пишувале и објавувале со псевдонимин. Ваквиот став го брани и Уставниот суд на САД (пр. во пресуда од 1995 ќе заземе став дека „анонимноста е штит од тиранијата на мнозинството … го отсликува духот на Првиот амандман: да се заштитат непопуларните поединци од удар/одмазда … од нетолерантната заедница“.

Дополнително, никој не сака да биде анонимен – најчесто е принуден на тавкиот пристап, од разни причини. Како што анонимноста донекаде штити од штетни последици (под претпоставка дека алијасот ќе го штитат и оние кои знаат кој се крие позади истиот), така истата оневозможува одреден ќар кој доаѓа со популарноста на Интернет (од внимание на пријатели, до бизнис и политички понуди, во зависност од активноста).


Секако, морално (па и правно), прашањето е и како се користи анонимноста – се додека корисникот ја користи за безбедно учество во културна и фер дискусија/активности (на која и да е тема), истата треба да се штити по секоја цена. Од сите слободари.

П.С. Aнонимоноста се злоупотребува за различни политички и останати цели. Иако ова е сива зона, властите имаат методи и можности како да соголат некого од анонимноста, доколку е неопходно за заштита на други (поважни) интереси. Но и тука не треба да се заборава – најголемата заштита е потребна од најголемата опасност, а тоа е токму Државата како најмоќен апарат во модерните општества.

Претходна статијаTuring Bird е нова веб страна од вработени во Google која ќе ви помогне при посета на одредени градови во светот
Следна статијаApple денес го одржува настанот на којшто треба да ги претстави новите iPhone X модели
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.