Кога последен пат си бил соочен со некој свој страв и си пропуштил да преземеш акција? Ако си како повеќето луѓе, тоа не било одамна. Секојдневно се потчинуваме на „бубачките“ кои не јадат одвнатре и смислуваме секакви изговори за да одбегнеме акција. Нема да искочи со мене, не сум паметен, не можам да најдам нова работа итн.

Но, длабоко во себе знаеме дека непреземање акција не прави помалку среќни. Се чувствуваме како кукавици, имаме грижа на совест и влегуваме во бесконечен круг на самообвинување и омаловажување.

Стравот не прави ирационални

Стравот го извитоперува нашето размислување на многу перфидни начини. Тој ги потенцира негативните последици од преземањето акција, ги негира (или минимизира) позитивните аспекти од преземањето дејство и ги игнорира „трошоците“ од непреземање акција.

Соочување со стравот не прави посилни

Кога стануваме свесни за фактот дека поради страв пропуштаме многу убави работи, си даваме дозвола на себеси да го добиеме она што го сакаме.

Но, едно е да се зборува за оваа тема а друго е да се применува во пракса.

Соочување со стравот (Fear Setting)

Авторот Тим Ферис има развиено метод на дефинирање и надминување на стравот наречен Fear Setting. Оваа вежба е инспирирана од Стоицизмот (поконкретно од еден од најпознатите негови следбеници, Сенека). Според Сенека, „Патиме повеќе во нашата имагинација отколку во реалноста“. Токму оваа реченица е сржта на оваа вежба.

Мислам дека е корисна да се применува за сите големи одлуки кои никако да ги направиме бидејќи се проследени со голем страв од негативните последици кои иако нереални, ги чувствуваме како вистинити.

Fear Setting ни помага да донесеме одлука. Ако размислуваш да прекинеш врска, да дадеш отказ од работа или да донесеш слична голема одлука, оваа вежба ќе те примора да размислуваш трезвено за конкретната ситуација.

Сите имаме ситуации во животот кога знаеме каква одлука треба да донесеме, но не можеме да се отарасиме од стресот кој ќе следи. Fear Setting ни дава самодоверба дека всушност оваа одлука ќе ни го подобри а не влоши животот.

Како да ја почнам вежбата?

Според Ферис, за оваа вежба ти требаат три страници, пенкало и половина час. Вежбата се состои од неколку чекори:

  • Утврдување на најлошото што може да се случи. Од што се плашиш најмногу ако ја донесеш одлуката која ја одолговлекуваш? Напиши го твоето worst case scenario (пр. „ако ја раскинам врската, ќе бидам осамен до крај на животот“). Колку е реален овој страв?
  • Што можеш да сториш за да ја спречиш штетата? Како можеш да ги вратиш работите во контрола. Често е полесно отколку што мислиш. Кои чекори можеш да ги преземеш?
  • Кои се позитивните аспекти од преземањето акција? Дали долгорочно ќе бидеш посреќен ако донесеш одлука. Можеби ќе ти се зголеми самодовербата? Напиши во детали што мислиш дека би можело да испадне добро од целата ситуација.
  • Кои се негативните последици кои ќе ги имаш ако не преземеш дејство? Ако не направиш ништо, како ќе се чувствуваш, што ќе изгубиш? Опиши во детали. Замисли се за пет години од сега. Како би се чувствувал тогаш знаејќи дека денес не си преземал акција?

Работите никогаш не се толку страшни или комплицирани колку што изгледаат на почетокот. Ферис во видеото ја опишува филозофијата и деталите зад Fear Setting. Препорачувам да го погледнете и потоа да ја примените вежбата во вашиот живот. Можеби нешто ќе загубите во процесот, но понекогаш тоа е дел од „добивката“ што ќе следи на таа загуба.

Претходна статијаTesla автомобилите ќе се продаваат само онлајн
Следна статијаНеколку постари Galaxy модели ќе ја добијат можноста за прилагодување на Bixby копчето достапна кај новите Galaxy S10