mark-karpeles-sketch-640x360

Според многумина, судењето против Улбрихт за менаџирање на Silk Road кое започна во јануари 2015 година е еден од најважните модерни судски случаи. Целиот случај е покриен од сите светски медиуми, од The Verge и Wired, па се до Forbes (1) (2) и The Economist.

За што станува збор поточно? Прво на кратко да се потсетиме она што го објаснував во првиот дел од оваа колумна, но овој пат со зборовите од текстот во Економист:

Кривичното дело на г-дин Улбрихт е всушност нешто што во друг бизнис би го направило милионер. Тој видел потенцијал во комбинирањето на Тор – софтвер направен од Лабораторијата на морнарицата на САД кој овозможува да хостираш вебсајт без да откриеш каде е серверот – со Биткоин – криптовалута која може да биде разменувана дигитално без посредство на банките. Сајтот кој го креираше, Silk Road, во суштина претставуваше Амазон за нелегални дроги. Користејќи енкрипција и биткоин, продавачите и купувачите можеа да разменуваат добра и информации без притоа да ги откриваат своите идентите меѓу себе ниту пак на другите.

Улбрихт беше уапсен на 2-ри Октомври 2013 година. Обвинителството го обвинува за водење на „криминален бизнис за неовластено продавање дроги, компјутерски измами и перење пари“.  Позицијата на обвинителството е всушност дека Улбрихт е mastermind-от позади Silk Road и дека тој е виновен за она што се случува на неговиот сајт. Копјата се кршат на неколку места: дали обвинителството може да докаже дека Улбрихт е Dread Pirate Roberts, алијасот позади кој се криел мастер-умот на Silk Road; како обвинителството ги стекнало доказите, т.е. ги лоцирало скриените сервери на Silk Road; и дали сопственикот на сајтот е одговорен за она што го прават неговите корисници.

Интересно, еден од најгласните активисти во одбрана на Улбрихт беше токму неговата мајка. Во интервјуто за Reason таа објаснува како обвинителството ja користи (или злоупотребува?!) доктрината во кривичното право на „трансферирана намера“ според која ако А има намера да го повреди Б, но случајно го повреди В, А е одговорен за повредата. Правниците во САД оваа доктрина сликовите ја објаснуваат со изреката „намерата го следи куршумот“. Дополнителен услов за одговорноста на А е обвинителството да докаже дека А имал криминална цел, т.е. знаел дека неговото дело ќе нанесе штета и ова му било и намерата. Во случајот против Silk Road, обвинителството тврди дека Улбрихт е одговорен за криминалните постапки на своите корисници (незаконска продажба-купување на дроги), како и за перење пари, т.е. биткоини. Намерата се обидува да ја докаже со тоа што Silk Road ги споил Tor и биткоините, технолошки интернет иновации кои самите по себе не се забранети.

Како што објаснува Ник Гилеспи од Reason, обвинителството има проблематичен став бидејќи „е во спротивност на постоечките закони кои ги изземаат интернет сервис провајдерите (ISPs) и сајт операторите од одговорност за дејствијата и говорот на корисниците [ова изземање од одговорност се однесува за граѓанска не и за кривична одговорност, но тоа е едно нешто од многуте што ќе треба да го расветли случајот на Улбрихт: м.з.]. Исходот од овој случај може да има сериозни цензурирачки ефекти врз Интернетот, поточно слободата на говор и дигиталните бизниси“. Адвокатот на Улбрихт пак, г-дин Дретел, прашува дали треба да бидат кривично гонети и eBay, Амазон или пак било кој друг вебсајт кој создава дигитален пазар на кој се сретнуваат разни купувачи и продавачи, каде што не може да ја контролира легалноста на она што се продава.

Ова се покрај сомнежите дека ФБИ ги собрал доказите против Улбрихт без соодветен судски налог, т.е. дека користеле некој вид на „отворен налог“ со кој може да ти буричкаат низ целиот приватен живот само за да си го доизградат случајот против тебе. На пример, во случајот на Улбрихт протурено му е низ целиот негов живот, вклучувајќи и низ неговиот Фејсбук профил, блогови итн., подоцна злоупотребувајќи ги неговите политички и економски ставови (free-market libertarianism) против него. Според Дретел, ваквиот налог е во судир со уставно загарантираното право на приватност бидејќи „му недостига соодветна спецификација и дозволува буричкање во приватните информации и имот“ на неговиот клиент. Дополнително што ФБИ го хакнал сајтот без налог со цел да ја открие неговата IP адреса и локацијата на серверите.

Ова на кратко е правната приказна позади можеби најголемиот случај поврзан со дигиталните бизниси и слободата на Интернетот.

п.с. Повеќе за случајот можете да прочитате тука; од технички аспект добар приказ има на Verge, додека ние внимателно ќе го следиме и ќе известуваме за целиот случај.

п.п. с. Во Verge пак случајот го гледаат од уште еден интересен агол:

„…прашањето за серверите и дигиталниот идентитет се само елементи од поголемата битка за моќта на чуварите на законите наспроти моќта на приватноста на темните делови на интернетот. Со години луѓе како Улбрихт користеа алатки како Тор и Биткоин за да бидат чекор пред државата, но државата фаќа чекор.

Интернетот создаде место кое беше надвор од дофат на владите – или пак, така мислевме. На многу начини, судењето на Улбрихт е за тестирање на вистината на овие тврдења и поставување преседан за следниот пат кога чуварите на законите ќе решат да ги нападнат.“

Претходна статијаEdward Snowden е подготвен да се врати во САД, но само со гаранции за фер судење
Следна статијаHuawei Watch – Најдобриот паметен часовник досега?