„Јас сум поспремен да ризикувам да бидам затворен, или кој било друг негативен исход со лични последици, отколку да ризикувам ограничување на мојата интелектуалната слобода и на оние што се околу мене, за кои се грижам подеднакво како што се грижам и за себеси.“

Иако беше благ фаворит, сепак како пријатно изненадување дојде информацијата дека документарецот за Едвард Сноуден „Citizenfour“ доби Оскар за најдобар документарен филм, со оглед на неговиот сензитивен политички карактер. За некои, Сноуден е херој и маченик, кој го разобличи лицемерието на америчките и светските власти со што им даде храброст на новинарите и на обичните граѓани да се борат за поголема слобода и за зајакнување на својата приватност.

За некои пак, тој е предавник. Во текот на оскарите, Нил Патрик Харис, на шега рече дека Сноуден е спречен да присуствува на церемонијата за доделување на наградите поради „некое си предавство“. Содржината на оваа шега е токму ставот кој го имаат многу луѓе за Сноуден. Досега имавме можност само да слушаме и читаме аргументи кои ги поткрепуваат овие два спротивставени ставови. Citizenfour не става токму среде настаните во Хонг Конг, каде што Сноуден, Гринвалд и Поитрас, заедно со новинарот на Гардијан, Еван Мекаскил, далеку од канџите на американските власти ги составуваат коцките кои денес се составен дел од најголемиот шпионирачки скандал на кој некогаш сме биле сведоци.

Режисерка на филмот е Лора Поитрас, а во една од сцените дознаваме зошто всушност Сноуден ја одбрал токму неа за да ја раскаже неговата приказна; всушност, таа самата се одбрала преку филмовите што претходно ги направила, со која го навлече гневот на властите на САД. Со снимањето на нејзиниот филм за Ирак “Мојата земја, мојата земја” таа си заработи место на црната листа на владата на САД што потоа доведе до тоа повеќе пати да биде сопрена и претресувана на аеродромите низ САД. Од овие причини, Сноуден во нејзе пронашол природен сојузник.

Откако искомуницирал со Поитрас преку енкриптиран мејл, тој подоцна стапил во контакт и со Глен Гринвалд (No Place to Hide е неговата книга која исто така одлично го отсликува овој период). И двајцата ги контактира под псевдонимот „citizenfour“, и ги повикува да му се придружат во Хонг Конг, место во кое пребегнал откако ги презел сите податоци кои ги докажуваат злосторствата и неовластеното следење на комуникациите кои ги вршеле разузнавачките служби во кои тој дотогаш работел. Шпионирани се сите, од граѓани, ИТ и телекомуникациски фирми, се до дипломати и странски влади. Вотергејт на стероиди.

Филмот претежно се состои од разговорите на Сноуден со неговите соработници, но и покрај тоа, тој е далеку од досаден или монотон. Поитрас многу вешто прави да се чувствувате како и вие да се наоѓате во хотелската соба каде што се одвива поголемиот дел од дејствието на филмот. Херои и крвници во овој филм нема, но сепак чувствуваме нечие присуство, некој ентитет, кој иако не можеме да го видиме со нашите очи, знаеме дека е тука. Низ целиот филм ви провејува параноично чувство како да сте следени, набљудувани. Ентитетот кој ве набљудува не можете да го идентификувате, но знаејќи кои методи ги има на располагање, се сомневате во се и сешто. Ништо не е доволно безбедно.

Така, во еден момент, три пати последователно се огласува алармот за пожар во хотелот во кој се наоѓаат (што испаѓа дека е рутинска вежба), правејќи ги да се посомневаат дека во секој момент во собата ќе им упаднат ФБИ агенти. Во друга сцена, додека внесува лозинки за пристап до клучни документи, Сноуден се покрива себеси и својот лаптоп со џемпер за да спречи шпионирање преку „визуелно набљудување“, а како претпазлива мерка ги исклучува од штекер сите електронски уреди во собата.

Иако досега не можевме да создадеме впечаток за вистинскиот карактер на Сноуден, во „Citizenfour“ одблизу можеме да воочиме дека тој е извонредно смирен и присебен дури и во овие тензични ситуации, и огромните притисоци под кои се наоѓа. Сепак, иако неговите емоции се зауздани, во неговите очи е видлива болката која тој ја чувствува поради фактот што морал да се раздели од своите најблиски. Поради тоа, единствената сцена која има посветол тон е таа која го прикажува обединувањето на Сноуден со неговата долгогодишна девојка, Линдзи Милс, во стан на непозната локација во Москва. Сноуден веќе има дозвола за престој и заштита од руските власти, а доколку се врати во САД, го чека долг судски процес и веројатна долгогодишна затворска казна.

Во последната сцена, Сноуден и Гринвалд комуницираат со хартиени ливчиња кои по читањето ги уништуваат и фрлаат во ѓубре. Ние гледачите, можеме да насетиме што е содржината на напишаното само преку нивните фацијални изрази, и преку еден кадар насочен кон ливче на кое е напишан зборот „Potus“. Тие разговараат за некој друг „whistleblower“, а Сноуден е пресреќен кога дознава дека неговите дела предизвикале инспирација и храброст и кај други слични на него.

Како никогаш досега, на големото платно се појавува филм кој повикува на поголема приватност, на поголема слобода од спрегите на државата. Само дрскоста (и успешноста) на режисерката Поитрас да ја деконструира реалноста која претходно била лажно претставена пред јавноста од страна на владата на САД е доволна причина да го гледате овој документарец. Тоа, заедно со феномалната вештина со која е снимен и морничавоста што ја предизвикува, небаре сте дел од некој Орвелијански кошмар, го прави Citizenfour филм што мора да се погледне.

Претходна статијаДиректорот на Samsung даде кратко објаснување зошто Galaxy S6 моделите не вклучуваат Snapdragon чип
Следна статијаHuawei можен производител на следниот Nexus телефон