Во едно ново истражување, научници од Институтот за технологија во Масачусетс (САД), дојдоа до сознание дека лажните вести „патуваат“ побргу од оние вистинските.

Тие наведуваат дека луѓето повеќе ги споделуваат овие вести на друштвените мрежи. Односно, ако вистинска вест има потенцијал да допре до 1.000 луѓе, сензационалистичка лажна вест може да допре до повеќе од 100.000. Тоа делумно објаснува како момците од Велес кои се најдоа на повеќето мејнстрим медиуми во САД остварија енормна финансиска добивка во текот на 2016 година.

Да ја земеме предвид веста која еруптира по социјалните мрежи пред неколку недели, во која беше наведено дека Силвестер Сталоне е мртов. Самиот Сталоне мораше да објави на Твитер дека е жив и здрав и дека се е во ред со него.

Меѓутоа, пред тоа да се случи, илјадници корисници веќе го „испратија“ својот омилен акционен херој. Слично нешто се случи и со музичката ѕвезда Бон Џови и легендарниот Џеки Чен. Сите овие вести (вклучувајќи ги и тие создадени од нашите сограѓани во Велес) задираат во ранливата човечка психологија која се возбудува на “clickbait”.

Дополнително, кога први ќе споделиме некоја вест (било лажна или не) и кога ќе сведочиме на нејзината зголемувачка популарност (според бројот на лајкови, ретвитови, споделувања и сл.) нашиот мозок лачи повеќе допамин. Истиот хормон се лачи и кога читаме и споделуваме вести како таа со наводната смрт на Силвестер Сталоне (покрај чувството на тага).

Имаме чувство дека сме “in the loop” за случувањата во светот, чувствуваме дека нашиот глас е важен и дека треба да се чуе.

Ова само делумно го објаснува феноменот на лажните вести и напорите да се заузда влијанието кое тие наводно го имаат. Би сакал да прочитам истражувања кои ќе го анализираат реалниот ефект на лажните вести. Односно, дали опсесијата на луѓето со таквите вести влијае на нивното секојдневие, или пак истите ги забораваат откако ќе ги прочитаат, по што се враќаат на својот “default”.

Во меѓувреме, секогаш пристапувајте на вести споделувани по друштвените мрежи со критички ум. Читајте од повеќе веродостојни извори, а можеби и намалете со употребата на друштвените мрежи. Мозокот ќе ви заблагодари.

Претходна статијаTwitter го менува начинот за стекнување на верификациски „беџ“
Следна статијаМаск го прикажа концептот за Hyperloop платформите на кои пешаците имаат предност