И после 10 години Биткоин не умира. Патем, сосема обратно – се развива по сите параметри. Секој момент привлекува нови играчи, нови корисници, нови радознали луѓе кои сакаат да ја разберат иновацијата која има потенцијал (и цел) да ја врати монетарната сувереност и моќ во рацете на граѓаните.

Inventing Bitcoin: The Technology Behind the Truly Scarce and Decentralized Money Explained е одлична книга токму за новајлии но и за сите оние кои сакаат да ги разберат основните столбови на Биткоин. Кондензирано во една мала книга од 80-тина страници (се чита за неполни 2часа), претприемачот Јан Прицкер одлично го има објаснето целиот дизајн на Биткоин, на начин кој е лесен за читање и лесно разбирлив од секого.

Книгата е поделена во 10 дела кои содржат по неколку поглавја. 

Најпрво, користејќи го „основачкиот документ“ т.н. white paper на Сатоши Накамото, Прицкер објаснува што е Биткоин, ги објаснува основните столбови на дизајнот на Биткоин како засебен монетарен систем и кои проблеми ги решава на денешниот фијат модел.

Понатаму (во вториот дел насловен како Removing the middleman), како што кажува и самиот наслов на поглавјето, Прицкер објаснува дека Биткоин е децентрализиран систем кој нема потреба од банки/посредници, односно трансферот на вредност / дигитален кеш е директен помеѓу заинтересираните страни (peer-to-peer).

Но, банките – односно посредниците – при трансферот на вредност не се наметнати без причина. Истите играат важна улога во тоа да обезбедат дека трансферот на вредност помеѓу двете страни е сигурен и нема измами (т.н. double spending problem). Во третиот дел, Прицкер објаснува на кој начин Биткоин ги исфрла банките од равенката со што обезбедува трансфер на вредност на начин кој не се базира на доверба (trustless, бидејќи нема потреба да веруваме на никого – сите трансакции се верификуваат на јавниот блокчеин) и e permissionless (не ти треба одобрение за трансферот од трета страна).

Книгата продолжува со посложените делови од Биткоин – математиката позади Биткоин врз основа на хаш функциите, „копањето“ (mining-от) и како блокчеин ја обезбедува вредноста односно е ledger (јавна база на податоци) која е практично неменлива, итн.

Прицкер не остава ниту еден важен елемент од Биткоин средината да остане необјаснет. Така, се осврнува и на концептот Proof of Work, дигиталните потписи, консенсуз системот со кој се потврдуваат трансакциите од сите инволвирани (нодови), и кои се правилата на игра за промена на софтверот.

На крај, за оние кои сакаат подлабоко да навлезат, книгата содржи предлог на сајтови и книги за разбирање и на други елементи од Биткоин – економскиот, политичкиот, итн.

Одлична книга која содржи се што треба да знаете за Биткоин. Што е поважно, е во одличен формат од 80тина страници кои се читаат во едно седнување.

Оценка: 9/10.

Претходна статијаУчество во сообраќајот со електричен тротинет – кој, како, кога, дали….?
Следна статијаМакпетрол ги додели наградите од шестото редовно и третото мастер коло од наградна игра „Со ВЕРНА полни и секогаш добиј“
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.