Пред некој ден направивме куса анализа на дел од резултатите на Фондот за иновации и технолошки развој. Иако некои помислија дека поентата на колумната беше да се фали Фондот (немаше потреба за тоа, бројките си зборуваат сами за себе), идејата беше всушност нешто поинаку:

Фондот беше (горе-доле) еден од позитивните проекти на претходната влада која оваа власт ги прифати и продолжи… Со што пак се обезбедува одредена предвидливост и сигурност на институциите. НЗС кое треба да го негуваат двете најголеми влади – барем она позитивното – е неопходно за прогрес. Фондот, индустриските зони и рамниот данок се еден од ваквите добри примери.

Нема некоја филозофија тука.

За среќа на цел свет, САД има изградено битен консензус кога станува збор за политиката кон ИТ секторот и дигиталната економија. Како што е објаснето од Адам Тиерер,

Од Клинтон до Трамп, претходните четири влади конзистентно покажаа посветеност кон ослободување на претприемништвото на Американците преку развој на предвидлива и едноставна правна рамка во која се развива нашата иновативност.

Најпрво, Клинтон во 1997г. го воведува концептот на permissionless innovation како срж на интернет политиката што било новина во споредба со централистичкиот регулаторен модел кој постоел за традиционалните телекомуникации. Имено, „Интернетот треба да се развива од страна на пазарот, а не како регулирана индустрија“. Патем, затоа и во една претходна колумна пишувавме како Интернетот иако е спорно „кој го создал“ клучно е кој го развива, константно.

Истиот пристап го продолжува и администрацијата на Буш. Буш го применува истиот пристап и во областите на истражување на вселената (што се отвора патот за луѓе како Елон Маск и приватниот сектор да и помогне на НАСА во оваа авантура), нанотехнологијата, сајбер безбедноста и сл. Дополнување на laissez-faire пристапот од страна на Обама пак е тоа што неговата администрација го препознава т.н. pacing problem – технологијата напредува многу побрзо него политиките и законите. Едноставно, САД не може многу да копира од други земји – САД е на “technological frontier”. А за да иновира, пред се, не треба да си поставува самата препреки.

Секако, како што објаснуваат од Като институтот во својот заклучок, дефинитивно постојат области и прашања за кои партиите не се согласуваат и laissez-faire пристапот не е секогаш конзистентен. Сепак, ако за нешто постои надеж дека Американската традиција на либерален про-пазарен пристап ќе биде консензуална политика тоа е пристапот кон претприемништвото во технологијата.

За што цел свет имаме ќар.

Претходна статијаCES 2020: Samsung го прогласи почетокот на „Age of Experience“
Следна статијаКој го измисли Apple?
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.