Shutterstock.com

Демократијата е чуден феномен – истовремено е „најлоша форма на владеење освен сите останати“ (Черчил), а никој обичен граѓанин не е задоволен како функционира. И ништо не се менува. Не смееме – ако почнеш да зборуваш за посуштинска реформа на демократијата, ризикуваш да бидеш жигосан како диктатор.

Sidebar. Што е демократија? Тука, без многу филозофирање, битно е да се разбере дека демократијата не е етички идеал. Станува збор за мирен процес на избор на власт по правило 1 човек 1 глас. И ова не е мала работа, но не значи дека е најдобар модел. Нема ништо инхерентно морално во постојниот модел. Едноставен процес е на носење колективна одлука за избор на власт. Демократијата не кажува што откако ќе се избере власта (затоа имаме други механизми за нејзина контрола!), и изобилува со инхерентни проблеми кои не можат да се решат со „повеќе демократија“. Како на пример, вечни политичари кои се „дилери“ на моќ, како професија.

Професорката Хелен Ландемор, од Јеил објави неодамна интересна книга, Democratic Reason: Politics, Collective Intelligence and the Rule of the Many каде што ја обработува токму оваа тема.

Во суштина, професорката се залага за „отворена демократија“ каде што би немало „професионални политичари“ кои цел живот би биле во Собрание или функционери во влада. Наместо избори би имале нешто како селекција на порота, од време на време, по случаен избор, би се бирале полнолетни граѓани кои би имале граѓанска должност (платена, секако) да го претставуваат народот.

Да речеме, две години, ново влечење. Не би имале политички елити. Во време кога демократијата губи на легитимитет (паѓа бројот на луѓе кои излегуваат на избори, сметајќи дека ништо не се менува), опасно е да не се размислува на алтернативи и начини на реформирање на политичките модели на носење одлуки. На овој начин и би се вклучила пошироката заедница во решавање на колективните проблеми, а ла Античка Атина.

Секако, она што секогаш е „пола работа“ во приказната е тоа што прво треба да се дефинира – и значително намали – надлежноста на Државата и да се изврши радикална децентрализација – што повеќе локални одлуки треба да се носат од засегната заедница, односно одлука која директно засега х лица треба да биде донесена пред се од тие х лица. Па отпосле треба да се дискутира за како ќе се носи одлуката. 

Претходна статијаКако Google X иновира?
Следна статијаЗа прв пат кај нас! CyberMK 2020 – Прв Национален натпревар во сајбер безбедност – хакатон
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.