Сценариото е веќе одиграно и добро познато. Милијардерот од Силиконската долина, еден од првите инвеститори во Фејсбук, и личноста што сонува за бесмртност, Петер Тиел, го спонзорираше падот на Gawker, трачарски портал кој повеќе не постои.

Тиел тоа го направи преку тајно финансирање на судскиот спор кој Хулк Хоган (да, тој Хулк Хоган) го водеше со истиот портал. Причината за ова е неговиот став дека Gawker е вебсајт кој постоеше за исмевање и неосновано напаѓање на поединци во нивните написи. Развршницата на судскиот спор (која доведе до банкротирање на Gawker) имаше и некои непосакувани последици.

Некои се наведени од страна на Fast Company, според кои резултатот од судската развршница повлече и други богати и моќни индивидуи да поведат слични спорови со познати медиуми во САД. Несаканата последица од сето ова е што медиумите нема да можат да ја прават разликата меѓу слобода на говорот и говор на омраза.

Во својата нова книга (Conspiracy), Рајан Холидеј дава осврт на целиот овој процес. А, во книгата се наведени некои од (незаконските) начини на кои Тиел придонел кон рушењето на Gawker.

Како прво, одредена личност „Г-дин А“ наводно му предложил на Тиел да поткупат вработени во Gawker со цел да извлечат тајни информации. Понатаму, се дискутирала можноста Тиел да ангажирал хакери да влезат во емаил серверите на Gawker. Една интересна тактика која наводно била разгледувана од страна на Тиел и соработниците е да го следат тогашниот сопственик на Gawker (Ник Дентон) до ресторанот во кој бил упатен и да му го украдат мобилниот телефон.

Сепак, на крајот овие „тактики“ биле отфрлени, отворајќи го патот за милионскиот судски спор. Не можеме да знаеме колку се точни сиве овие информации. Но, едно е сигурно, посветеноста на Тиел да го уништи Gawker е водена од неразјаснети мотиви.

Останува да видиме каква ќе биде развршницата на некои од судските спорови поттикнати од овој. Доколку и некои други медиуми се соочат со слични негативни последици, интернет медиумскиот простор во САД ќе западне во хаос.

Претходна статијаLeagoo го „освојува“ пазарот со реплика од iPhoneX именувана S9
Следна статијаКаков трик за заработка: Бугари го олеснија Spotify за милион