Во доба каде што сето знаење на планетава ни е достапно со неколку кликови, секогаш е корисно кога можеме да учиме различни нешта на исто место. Udemy е токму тоа место. Со Udemy можеш да научиш брзо читање, програмирање, графички дизајн, јавно говорење и многу други нешта.

Курсевите не се бесплатни како што се повеќето на Курсера, но често имаат промоции на речиси целиот каталог при што ги симнуваат цените на 10 евра од курс.

Како и се што треба да учиме од интернет во време кое самите го бираме, да се седне и да се заврши цел курс бара посветеност и мотивираност. Поради тоа, одберете нешто што навистина ќе ви служи во секојдневниот живот во поле во кое сметате дека треба и сакате да се подобрите.

Подолу се 5 од некои од најпопуларните курсеви на Udemy.

Ако сакаш да прочиташ 200 книги во една година

Become a SuperLearner 2: Learn Speed Reading and Boost Memory

Ако сакаш да ја подобриш меморијата и да читаш побргу, ова е курсот за тебе. Генерално ми се чини како многу корисен курс. Освен што можеш да научиш вештини што се веднаш применливи, можеш да го подобриш начинот на кој конзумираш ново знаење.

Сличен (и бесплатен) курс имаат и Курсера (Learning How to Learn), за кој на повеќе места сум прочитал дека е еден од подобрите онлајн курсеви out there.

Ако те интересира дигитален маркетинг

The Complete Digital Marketing Course – 12 Courses in 1

Дигиталниот маркетинг е ин последниве години, со добра причина – ако сакаш да ја зголемиш видливоста на она што го правиш, мораш да ги владееш дигиталните алатки кои ќе ти го овозможат тоа. Иако постојат повеќе курсеви и академии што можете да ги посетувате „во живо“, преку овој курс ќе ги научите темелите на кои можете да ја градите својата кариера.

Ако сакаш да го подобриш говорот на телото

Body Language for Entrepreneurs

Невербалната комуникација може да ни се најде во која било сфера од животот. Овие вештини секогаш е подобро да се вежбаат со некој што ќе ни сугерира каде грешиме и каде може да се подобриме. Нејсе, немаме многу раширена заедница која ни го нуди тоа, па овој курс ако ништо друго ќе ни ги покаже сите клучни аспекти на говорот на телото на кои треба да внимаваме.

Ако сакаш да научиш графички дизајн

Graphic Design Bootcamp – Part 1

Со овој курс ќе научиш основи на Adobe Creative Suite, Photoshop, Illustrator и InDesign. Ќе научиш да дизајнираш логоа, веб банери, постери итн. Корисни вештини за 21 век и фриленс економијата.

Ако те интересира веб девелопмент

The Complete Web Developer Course 2.0

Ова е еден од најпопуларните курсеви на Удеми, со повеќе од 200.000 луѓе кои го почнале. Веројатно и еден од најкорисните, со оглед на тоа што се изучува креирање на веб-страници и мобилни апликации, но и ред други нешта.

Претходна статијаHuawei претстави очила на претставувањето на P30
Следна статијаКонцепт на File Explorer редизајниран со Fluent Design изгледа одлично