Фото: Shutterstock.com

Нема потреба за посебно интро, за разлика од сиромашното лето 2020, ова лето ќе може да гледаме повеќе интересни работи.

Candyman (27 август)

Римејк на истоимениот филм од 1992 година, идејата зад овој хорор трилер е едноставна: ако кажеш Candyman пет пати во огледало, истиот се материјализира во собата каде што си и те убива. Нормално, многу луѓе го пробуваат тоа, и не завршуваат добро.

Интересно е што дел од тимот на сценаристи на овој филм е Џордан Пил (Us, Get Out) па може да очекуваме квалитет. Кастингот изгледа исто така солиден, така што имам големи очекувања овде.

The Suicide Squad (6 август)

Suicide Squad од 2016 толку ми беше лош, не го ни изгледав цел, морав да „мотам“ напред чисто да видам како ќе заврши. Очаен беше. Не бев сигурен дали ова е продолжение, или студиото одлучило да почне „на чисто“ со оваа франшиза, и да ни го избрише сеќавањето на претходната катастрофа. Ми се чини дека е второто.

Трејлерот ветува дека ќе гледаме нешто подобро, но да видиме. Кастингот е горе доле истиот, дополнет со пар холивудски тешкаши како Идрис Елба и Џон Сена. Режисер е Џејмс Ган (Guardians of the Galaxy), што е сигнал дека студиото одлучило да оди на се или ништо.

The Green Knight (30 јули)

Дев Пател (Slumdog Millionaire) е во главната улога во овој необичен филм од жанрот фантазија. Изгледа како твист на приказната на витезите на тркалезната маса, овој пат сместена во универзум на волшебници и други чудни суштества. ова ми е најочекуван филм од листава, ептен ми изгледа оригинален и освежувачки.

Old (23 јули)

Режисерот на Sixth Sense, Signs, Glass и Unbreakable (и пар епски промашувања) се враќа со нов филм. Old е приказна за група на туристи што нагло стареат кога ќе се најдат на еден остров. Трејлерот не открива кои се причините за ова, но ептен графички ни покажува што можеме да очекуваме да видиме во филмов. Знаејќи дека е филм на М. Најт Шјамалан, можеме да очекуваме и некој твист на крајот. Мора да се гледа ова.

F9 (25 јуни)

Брзи коли и експлозии.

Претходна статијаРаботна средба на Претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска со Директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија Душко Пешиќ
Следна статијаЗаедно за поубава и почиста планета – Еко пакување отсега и на Samsung Neo QLED телевизорите