Во претходниот пост, на кратко објаснивме што се тоа паметни договори, врз основа на првите текстови за овој концепт на Nick Szabo (првата разработка на овој концепт е уште во раните 90ти, односно едно 40години се дечките пред нас!). Накратко да повториме, паметен договор е „дигитален протокол за трансакции [размена] кој е способен [автоматски]да ги изврши обврските од договорот“. Идеално, Кодот го заменува правосудството – од нотари и адвокати, до судии и извршители.

Револуционерна иновација.

Зошто не е широко распространета тогаш?

Воглавно, поради две причини (иако предизвици има еден тон).

Првата е дека „паметните договори“ сепак не се до толку „паметни“ (иако ова „паметни“ повеќе означува автоматизирано извршување). Имено, договорите во реалниот свет се всушност „meeting of the minds”, формализација на волјата на договорните страни која факторизира голем број на фактори. Но, светот е комплексен – околностите се менуваат, и не ретко настануваат спорови за „духот на договорот“. Како што впрочем објаснува Jimmy Song (Биткоин програмер) во својот критички текст за „паметните договори“, истите „не се баш интелегентни – истите се извршители на правила и ги следат наредбите до точка Т но потоа не можат да ги земат предвид секундарните околности или пак „духот“ на законот“. Како договорите се покомплексни, така истите стануваат потешки за „дигитализација“ во формат на „паметни договори“.

Секако, ако нешто е тешко, не значи дека е невозможно. Станува збор за нова иновација која иако идејно е стара веќе 40 години, практично станува возможна по раѓањето на Биткоин.

Втората главна причина е уште поважна – и неопходна за вистинска пенетрација и користење на „паметните договори“. Станува збор за т.н. Oracle Problem („…агент кој одредува и верификува правно дејствие во вистинскиот свет и ја доставува оваа информација до блокчеинот со цел да биде искористена од паметниот договор“) – како „паметниот договор“ кој е во дигиталниот свет знае што се случува во реалниот свет. На пример, за поедноставни договори и за активности кои веќе функционираат воглавно во дигиталниот свет, ова не е преголем проблем ако изворот на информации е веродостоен (да речеме, х треба да му врати на у 1,000евра на датум z; во спротивно, долгот ќе биде исплатен од сметката на w – паметниот договор лесно ќе ги препознае и дознае сите инпути кои му се потребни да го изврши договореното автоматски). Но тука завршува „едноставното“ – за да се користат паметните договори на широко треба да има начин кој веродостојно ќе го храни блокчеинот со информации што „навистина“ се случува во реалниот свет.

Пеколно тешка задача, но превозбудлива.

Претходна статија„Невозможна мисија: Последици“ доаѓа во кино „Милениум“
Следна статијаБогатото наследство на „Мрачниот витез“