Идејата за 8 часовен работен ден се популаризира после индустријализацијата на почетокот на минатиот век. Но, откако Хенри Форд ја примени оваа идеја, истата се рашири низ повеќето индустрии во САД. Денес, 8 часовниот работен ден е легализиран во повеќето земји низ светот, а вработените и компаниите најчесто религиозно се придржуваат до овие бројки.

Но, дали сме стигнати до време во кое таквата структура на работното време е излишна? Постојат повеќе аргументи кои го поткрепуваат тврдењето дека навистина е дојдено тоа време.

Како прво, работниот ден од 8 часа (и следствено на тоа, работната недела од 40 часа) е имплементиран како одговор на претерано долгите работни денови со кои се соочувале тешките работници во 19-от век. Во тоа време вообичаено било истите да работат по 16-17 часа на ден што довело до очекувано негативни последици по нивното физичко и ментално здравје.

Но, дури и Џон Мајнард Кејнс во 1930-тите замислувал свет во кој технолошкиот напредок би овозможил 15-часовни работни недели. Се уште не сме стигнале до тој степен, но добата во која живееме не се совпаѓа целосно со ригидни правила какво што е на пример работниот ден од осум часа.

Треба да се земе предвид дека различни луѓе се повеќе продуктивни во различни времиња од денот. Некои луѓе се пофокусирани наутро, некои навечер. Некои на средина на денот. Доколку приморате човек што е „подесен“ да функционира подобро навечер да работи 8 часа во текот на денот, неговата продуктивност ќе опадне.

Според Андерс Ериксон, капацитетот на човечкиот мозок за длабока работа (добра книга на оваа тема е Deep Work од Кал Њупорт) се сведува на 2-3 часа дневно. Тоа значи дека просечниот работник „дреме“ по 4-5 часа дневно. Не треба да се нагласи колку е непродуктивен овој начин на функционирање.

Уште полошо, тоа води кон поголема фрустрација на вработените, кои може да се почувствуваат заробено или пак да искусат „прегорување“ од работа.

Постојат различни модели на организирање на работното време кое се коси со традиционалното. На пример, може да се скрати работното време. Шведска веќе го проба овој експеримент, а резултатите се прилично позитивни.

Друг начин на организирање на работното време е кратење на работната недела. Односно, наместо пет, да се скрати на четири, или дури на три работни денови. Ако се прашувате дали некој го имплементира ова, одговорот е да. И повторно, резултатите се позитивни. Амазон дури спроведе експеримент во кој десетици вработени работеле од 10 до 14 часот, и тоа само од понеделник до четврток.

Звучи неверојатно, нели? Помалку работа, поголема продуктивност. Но, резултатите и искуствата на други земји покажуваат дека не е толку абсурдно да се верува во овој начин на работа.

Ваков експеримент не е спроведен во некои од земјите на Балканот. Имам чувство дека резултатите можеби нема да бидат толку сјајни.

Но, којзнае, можеби компаниите ќе се охрабрат и ќе почнат да ги применуваат овие иновативни методи на работа.

Претходна статијаInstant Apps сега е Google Play Instant – овозможува пробување и на игри без нивно инсталирање
Следна статијаЕлон Маск ги избриша профилите на неговите компании од Facebook