Луѓето по природа се оптимисти. Барем кога станува збор за нивните здравје/среќа/љубов/пари. Иако најчесто сметаме дека сме логични и рационални, понекогаш сме премногу оптимистични.

Особено кога се споредуваме со други. Ако некој не праша кои се шансите да бидеме жртви на сообраќајна несреќа, веројатно ќе одговориме дека се „мали“. Ако некој не праша дали се плашиме дека нашето здравје може да биде нарушено од пушење цигари, веројатно ќе се ставиме во ист кош со среќниците кои се супер здрави иако се страствени пушачи („ене го дедо ми, има 85 години а пуши кутија дневно“).

Веруваме дека ќе живееме подолго од просекот, дека нашите деца ќе бидат попаметни и поубави од просекот, и дека ќе бидеме поуспешни од просечниот човек. Причината за ова е што мозокот има вграден оптимизам (optimism bias) кој ни вели дека нашите шанси да искусиме негативни случки во животот се мали, додека шансите да искусиме позитивни настани се големи (односно, поголеми од тие на нашите познаници).

Опасноста од овој феномен е тоа што може да не натера да донесуваме нерационални одлуки. Веруваш дека ќе живееш долго? Зошто да ставаш појас кога ќе влезеш во автомобил? Кој ќе те спречи да се храниш нездраво ако веруваш дека ќе живееш „до сто“? Редовни лекарски прегледи? Само кога нема да можеш да станеш од кревет. Не ти треба заштеда, нема шанси да ја изгубиш работата.

Од друга страна, оптимизмот е важен за нашата благосостојба во животот. Вербата дека „се ќе биде во ред“ е неопходна за да се справиме со секојдневните предизвици. На крајот на краиштата, за нешто да успее, мора да веруваме дека постојат шанси за тоа нешто да успее.

Сепак, треба да бидеме свесни дека оптимизмот понекогаш може да не донесе во заблуда. Така ќе донесуваме подобри одлуки, без притоа да го уништуваме нашиот вграден оптимизам.

Претходни текстови за когнитивни предрасуди:

Претходна статијаТоп 7 текстови/видеа за секој ден од неделата
Следна статијаЕфтимовски: Огласувачите да ги зголемат буџетите за дигиталните издавачи во Македонија