Во досега невиден потег, челниците на најголемите амерички безбедносни агенции (ФБИ, ЦИА, НСА) ги обвинија Huawei дека претставуваат закана за информациската безбедност во САД.

Ова тврдење тие го поткрепуваат со непоткрепени тези според кои кинескиот телекомуникациски гигант е способен да украде драгоцени информации или да врши индустриска шпионажа.

Логично е да се постави прашањето: од каде ли тие имаат образ да излезат во јавност со ваква изјава? Особено по изминативе неколку години, каде што на безброј наврати истите овие агенции се најдоа среде најголемите скандали во поглед на приватноста на корисниците на телекомуникациски услуги.

Позадината на дел од ваквите тези се очигледни. Huawei е една од најбрзо растечките телекомуникациски компании во светот која сериозно се заканува да земе голем дел од колачот од своите американски конкуренти.

Но, после серијата на шпионски скандали, разузнавачките агенции во САД се во процес на ребрендирање. Односно, на овој потег може да се гледа и на следниот начин: ФБИ, НСА и ЦИА сакаат да ги дефокусираат граѓаните од своите пропусти, и да го зголемат фокусот кон „странските служби“ кои речиси секогаш имаат непријателски намери, нели?

Ако тоа доведе и до намалување на пазарната вредноста која ја ужива Huawei во САД, уште подобро. Од една страна, репутацијата на американските безбедносни служби ќе биде зголемена. Ставени на страната на граѓаните и на бизнис заедницата, граѓаните ќе се почувствуваат посигурно и ќе имаат поголема доверба во агенциите кои треба да им служат.

Од друга страна, конкуретната предност на американските телекомуникациски гиганти би се зголемила (Тим Кук сигурно трие раце кога чита вакви вести).

Но, на крајот, не само што граѓаните нема да бидат посигурни, туку истото ќе ги погоди и финансиски. Знаеме дека добронамерноста на американските служби е непостоечка, или пак толку многу потисната од други интереси што е сведена на минимум. Дигиталната безбедност на американските граѓани никогаш нема да биде загарантирана.

Од друга страна, истиснувањето на странските конкуренти им го ограничува изборот кој го имаат во поглед на мобилни телефони и др. електронски уреди. 

Претходна статијаGoogle ја претстави Gmail Go – уште една апликација наменета за „послабите“ корисници
Следна статијаНовиот кампус на Apple предизвикува „мал проблем“ за вработените