Brian Solis [CC BY 2.0 (https://creativecommons.org/licenses/by/2.0)]

Во средата, 06 март, Марк Закерберг објави подолг пост во кој ја објаснува новата визија за Фејсбук – „платформи со фокус на приватноста при праќање пораки и дружење на друштвените мрежи“ (privacy first platform). На кратко веќе објавивме текст на Смартпортал каде се сумирани главните новини (пред се, интеграција на платформите на Фејсбук и фокус на приватноста), па нема потреба тука да се повторуваме. Текстот е кус економски коментар.


Фејсбук, иако е доминантна друштвена мрежа, функционира во динамична пазарна средина. Или ќе се прилагоди на преференциите на корисниците кои очигледно се менуваат – или ќе биде симнат од тронот. Како што објаснивме во трилогијата „Дали Гугл и Фејсбук се монополи?“, во капитализам се додека пазарот е слободен, оние кои се на врвот или мора континуирано да иновираат и да ги задоволуваат префенциите на корисниците или конкуренцијата ќе ги изеде. Што и да се случи, додека влезот на пазарот не е вештачки ограничен за нови играчи, корисниците се во win-win ситуација без разлика дали има една доминантна фирма или 10 се во конкурентна битка.

Она што е добро познато е дека Фејсбук и Закерберг, како многу пати претходно, се способни да се прилагодат на пазарните услови (па после да ги диктираат), да ги слушаат очекувањата на корисниците и да нудат соодветни решенија. Згора на тоа го имаат Закерберг кој е најверојатно еден од подобрите менаџер во однос на ПР и справување со кризни ситуации. Иако со одредено задоцнување, можеби, Фејсбук разбира каде дува ветрот.

Веќе е јасно дека отворените платформи и бизнис моделот на Фејсбук креираат огромни проблеми и предизвици за кои не е лесно ниту Закерберг да најде решение – лажни вести, тролови, вознемирување, нарушување на приватноста, продажба на личните податоци, итн. Јавноста станува се повеќе свесна и вешта во однос на личните податоци и приватноста. Веќе се јавуваат различни платформи со фокус на овие елементи, а има и рани обиди на целосно децентрализирани друштвени платформи базирани на блокчеин технологијата.

Прашањето кое многумина го поставуваат е дали и колку Закерберг е искрен во намерите (во деталите, кои допрва ќе се откриваат, ќе биде зајакот), но и дали новиот бизнис модел ќе биде успешен. Дали Фејсбук ќе се спаси и ќе остане на врвот.

Без разлика на одговорот, на дело ја гледаме убавината на пазарната економија и дисциплина. Во капитализмот – и во човечката реалност – нема идеални услуги и бизниси. Но, како што објаснува и Џефри Такер, пазарот е механизам кој поттикнува адаптирање кон постојано променливите преференции на потрошувачите.

Во последна инстанца, the consumer is the king. Тоа што и еден гигант како Фејсбук мора на крај да се прилагоди на нашите преференции кажува многу за моќта на граѓаните во пазарната економија и пазарната дисциплина на која се подложни дури и оние кои донекаде лежарно седат на тронот.

Претходна статијаРСБСП: Жените се рамноправни учесници во сообраќајот и пред сѐ безбедни возачи
Следна статијаНовиот Skype дојде и на веб верзијата од сервисот
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.