По Соопштението на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во која регулаторот несоодветно ги поврзува криптовалутите со Понзи измами како Onecoin (видете ја оваа критика), деновиве добивме втор коментар од НБРМ за крипто светот. Имено, во (пишано) интервју помеѓу порталот IT.mk и претставници од НБРМ се споменува и blockchain и се поставува прашањето дали НБРМ размислува во оваа насока, односно „има[те] ли некое решение со имплементација на blockchain технологија“.

Одговорот е генерално бегол и монотон, но може да се извлече суптилна поента. Да видиме за што станува збор и накусо ќе одговориме зошто НЕ е рано за блокчеин (патем, веќе доцниме бајаги).

…„клучен предизвик за централните банки .. е развојот на современа, стабилна и ефикасна финансиска инфраструктура која ќе биде во функција на националната и глобалната економија (италикот е додаден). Појавата на новите технологии наметнува дополнителен мотив за централните банки … да се мобилизираат и да ги засилат своите истражувачки капацитети за активно да се вклучат во овој процес“.

Суптилно, the good old caring State аргумент. НБРМ (и централните банки) се мотивирани од новата технологија да бидат иновативни и само они можат да обезбедат „финансиска инфраструктура“ која ќе биде во функција на сите. Што, во најдобро сценарио, е дискутабилно. Она што е побитно е што бирократите (во сите финансиско регулаторни институции) немаат никаква шанса во иновирање и следење на технолошкиот развој во крипто светот. Зошто? Од едноставна причина што природата на крипто и блокчеин е децентрализирана и воглавно open source, што отвара врата за секој добар иноватор и/или програмер да придонесува во процесот.

Уште во 2017 проценката е дека околу 2,000 луѓе работат полно работно време во крипто светот. Второ, како што објаснува и еден од најдобрите економисти денеска, Tyler Cowen, централните банки се по природа конзервативни институции – а во младиот крипто/блочеин свет „потребно ни е експериментирање, а не бирократизација“.

Но, ова не ја спречува централната банка да експериментира или, уште подобро, да охрабрува иновирање со блокчеин технологија (наместо да се истрчува со банови!). Рано секако не е, бидејќи огромен број земји имаат веќе либерална и охрабрувачка регулатива за дигиталните валути. Голем дел од централните банки (да не зборуваме за приватни банки), од Европската централна банка, до централната банка на Сингапур, веќе експериментираат и истражуваат разни примени на блокчеин технологијата во финансискиот свет.

Како со секоја нова иновација, оној кој меѓу првите ќе се позиционира на глобалниот пазар како храбар иноватор ќе биде оној кој ќе има најголем бенефит. Останатите, како нас, ќе им плаќаме за нивните решенија. Рано е, амо само за оние кои спијат до доцна.

Претходна статијаДискавери не запознава со три смртоносни вируси и можно избивање на катастрофалните емидемии во серијата „Невидливи убијци“
Следна статијаMozilla Firefox 60 – Web Authentication и верзија со продолжена поддршка