Во изминативе пар години, Фејсбук повеќе пати се најде во сериозна каша. Скандалот со приватноста на податоците на своите корисници (Кембриџ Аналитика) го наруши имиџот на компанијата. Скандалот со американските претседателски избори и наводното мешање на Русија само го потпали огнот.

Во меѓувреме, Закерберг се најде и пред конгресот на САД во едно од најчудните сослушувања што биле спроведени пред американската и светската јавност. Закерберг го почна Фејсбук од студентски дом, а денес е на чело на истата таа компанија која полека станува составен дел од самото ткиво на интернетот.

Како Закерберг успеал да остане присебен низ сите овие години, станувајќи една од највлијателните личности на светот?

Првото нешто што го прави секое утро? Проверува Фејсбук…

На оваа информација можеме да гледаме на два начини. Прво, Закерберг е човек како сите нас, иако постојат докази и за спротивното.

Тој секое утро го проверува својот профил да види што „се случува“ со неговите пријатели. Но, тој истото тоа го прави и за истражувачки цели. Нормално, за да знае што треба да промени, а што да калибрира на оваа социјална мрежа, тој мора сериозно да го користи Фејсбук на дневна основа.

Сепак наоѓа време за вежбање

Откако ќе заврши со скролање, поминува време со неговата сопруга Присила и неговите ќерки. Потоа, тој одвојуа време за џогирање. Со себе го понесува и своето куче, Ѕвер. На тој начин, ем се грижи за своето тело, ем поминува време со миленичето.

Ја носи истата облека секој ден

Иако може да си дозволи да ги купи сите најпопуларни бутици на планетава, Закерберг секој ден се облекува во истите парчиња. Тој поседува неколку пара исти модел фармерки, патики и сиви маички. Во оваа комбинација се носи секој ден.

Причината? За да ослободи „РАМ“ во својот мозок со која ќе се фокусира на она што го смета за најважно: поврзувајќи го светот.

„Сакам да го поедноставам својот живот и да донесувам што е можно помалку одлуки секој ден за што било освен тоа да и помогнам на заедницата.“

Вреди да размислиме каде можеме и ние да го поедноставиме своето секојдневие.

Посветен е на учење нови работи

Освен тоа што е фокусиран на подобрување на Фејсбук, Закерберг одвојува време и за учење нови работи. Тој има изјавено дека настојува да чита по една книга на секои две недели. Исто така, има објавено дека учи да зборува на мандарински јазик (добро му оди).

Учењето на нови нешта го предизвикува мозокот да излезе од својата комфорна зона. Тоа ја подобрува и креативноста и генерирање на нови идеи. Без разлика дали ќе читаме некоја нова книга, напис или ќе слушаме некој подкаст, сето тоа го подмладува нашиот ум.

Претходна статијаНајава за можно претставување на првите „слики“ од црна дупка?
Следна статијаКампања на книжарница ТРИ за подигнување на читателската свест кај младите