Многумина од вас веројатно ќе се сетат на научно-фантастичниот филм Minority Report, во кој Том Круз ја има главната улога. Филмот беше оригинален по интересната замисла на футуристичко општество во кое криминалот може да се предвиди пред злоделата воопшто да се случат. Тоа, и приказот на големите екрани на допир на кои се воодушевувавме (пред да станат дел од нашето секојдневие).

Полицијата во Њу Орлеанс, со помош на Палантир (компанија за безбедност), пред неколку години употребувала технологија за која може да се каже дека е слична (по намената) на онаа во Minority Report.

Имено, софтверот кој го обезбедил Палантир им овозможувал на полициските служби во Њу Орлеанс да изградат профили на личности кои се очекува да извршат криминал. Дополнително, тие ја користеле технологијата за да ги воочат трендовите на криминал во градот, кои населби се најзасегнати, и каде би можело да се очекува поголемо ниво на криминал во иднина.

Софтверот ја анализирал и историската поврзаност на поединци со локални банди, и генерирал статистички податоци поврзани со веројатноста на некои луѓе да станат криминалци, или пак жртви.

Сето ова е со благородна причина. Њу Орлеанс се соочува со страшно високи стапки на криминал, и нормално е преземање на драстични чекори со цел да се спасат човечки животи. Но, проблемот е што целата постапка се одвивала во тајност, и не се знаат конкретните резултати од овој „експеримент“.

Односно, партнерството помеѓу полициските служби во САД, кои не уживаат некоја сјајна репутација, и софтвер за предвидување на криминал, може да доведе до непосакувани последици.

Како прво, софтверот не бил употребуван за вакви или слични цели во минатото (колку што е познато). Тоа значи дека е несовршен и дека веројатно ќе прави грешки. А грешки во овој случај би значеле приведување на невини личности, или оправдување за незауздано насилство кон цели групи на граѓани.

Интересно е што еден од основачите на Палантир е Петер Тиел, човек кој по се изгледа е магнет за контроверзи. Во минатото, Палантир има соработувано со Пентагон, со цел предвидување на териториите во Ирак и Авганистан каде што терористите најчесто би можеле да постават експлозиви.

Причини за загриженост има многу. Но, првото нешто што треба да се одбегне е целосното прикривање од јавноста, што често доведува до злоупотреба на човечките права (види случај Сноуден).

Претходна статија4G интернет на Месечината – да се биде или не?
Следна статијаЗошто Galaxy S9 е поиздржлив на физички удари од својот претходник?