Кој би помислил дека простиот чин на длабоко дишење и следење на здивот ќе биде главното „оружје“ за спасување на тајландските момчиња кои беа заробени во пештера повеќе од 14 дена?

Како што пишуваат медиуми низ светот, токму медитацијата била клучна во тоа момчињата да останат смирени и да не паничат додека биле заробени во пештерата.

Главниот човек кој е „виновен“ за тоа тие да останат приземјени е нивниот тренер, Екапол Чантавонг. Екапол е 25 годишно момче со долги години искуство со медитација, во времето кога се обучувал да стане Будистички свештеник.

Што и да им сугерирал на момчињата, очигледно вродило со плод. Погледнете го видеото од нивното спасување. Наместо избезумени и испаничени после повеќе од две недели заробеништво, момчињата се неверојатно смирени. Во нивните очи нема ниту трага од страв и паника.

Добро е познато дека медитацијата помага во намалувањето на ефектите од стрес и дека го зголемува задоволството од животот кое секојдневно го чувствуваме. Медитацијата ги намалува нивоата на кортизол во метаболизмот, го зголемува фокусот и генерално е пожелна практика за оптимизирање на расположението.

Во време кога сме преплавени од информации, социјални медиуми, и секакви технолошки гаџети кои се борат за нашето внимание, медитацијата ни помага да „успориме“.

Групата на тајландски момчиња предводени од својот тренер, со едноставниот чин на длабоки здивови и следење на своето дишење, останале присебни во екстремно депресивни околности.

Како да почнам да медитирам?

Постојат повеќе техники на медитирање. Но, една од најдобрите и најлесни техники за почетници е следнава: седнете во удобна положба, затворете ги очите и следете го вашето дишење. Почуствувајте како воздухот поминува низ вашите ноздрви, и како провејува низ вашите уста и бели дробови.

Најважно од се, кога ќе ви се појават мисли и емоции додека медитирате (а ќе се појават), не се осудувајте себеси. Тоа е сосема нормално. Прифатете ги, и вратете се кон својот здив.

Претходна статијаInstagram го претстави Questions Sticker преку кој ќе може да се поставуваат прашања и одговори на Stories
Следна статијаMars Bioimaging почна да ги прави првите 3D рендген слики во боја користејќи технологија развиена во CERN