Денешната колумна требаше да биде посветена на апликации за подобрување на менталното здравје (за првата колумна – апликации за фитнес – кликнете овде). Сепак, таа статија ќе почека. Инспирацијата ме одведе на поинаков пат, иако за жал, околностите под кои ја добив оваа инспирација се трагични.

Сите знаеме што се случи. Самоубиствени напади и масакр со автоматско оружје на неколку локации во Париз. Над 130 луѓе мртви. Светот плаче. Оланд прогласува вонредна состојба (прогласена за прв пат во Франција после втората светска војна). ПР одделот на ИСИС објави дека токму тие (ИСИС) стојат зад овој масакр.

Овој филм го видовме многу пати последниве неколку години, и верувам дека (за жал) и во иднина ќе гледаме негови продолженија. Конкретните причини за овој и други слични масакри се непознати. Претпоставки има многу.

Како дежурни се појавуваат тие што велат „Чекајте малку, зарем сте толку наивни да верувате дека нападот го извршиле ИСИС? Па од небо се гледа дека масакрот е режиран од светските сили со цел да се затворат европските граници за бегалците/да смислат изговор за да ги нападнат арапските земји/да „докажат“ дека исламот е во суштина крволочен.“

Понекогаш одбиваме да веруваме дека луѓето способни за вакво зло немаат друга агенда освен сеење страв.

Француски Патриотски акт?

Вообичаената (очекувана) реакција на властите после вакви трагични настани е дополнително да го стегнат обрачот околу приватноста на нивните граѓани. Во Франција уште летово стапи во сила нов закон за набљудување, донесен како реакција на нападите врз Шарли Ебдо во јануари годинава.

Законот им дава многу поголеми овластувања на француските безбедносни служби во нивното справување со осомничени лица за тероризам. Прво, тој им дава моќ да ги следат телефонските разговори и електронската комуникација на осомничените без судски налог. Второ, им наложува на интернет провајдерите да ги следат и анализираат навиките на веб пребарување на милиони луѓе во Франција, и да им ги стават на располагање на разузнавачките агенции.

Трето, ја дозволува употребата на т.н. IMSI Catchers, кои „глумат“ базни станици за да ги фатат сигналите на мобилните уреди кои се активни во определена област, и преку ГПС да го следат движењето на нивните сопственици. Четврто, им дозволува на властите да упаднат во домовите на осомничените за да инсталираат микрофони, камери, keyloggers (тастатури кои лесно можат да бидат следени) и др. Штази техники на следење.

По којзнае кој пат, масовното набљудување се покажува како неефикасно

И покрај сето ова, законот не спречи ново крвопролевање? Чуму тогаш неговото донесување? Дали масовното набљудување е волшебното апче за спречување на терористички напади како овој? Јас би рекол не. Ако напорите на властите се насочени кон насочено набљудување на оние лица за кои постои сомнение дека ќе вршат тероризам тогаш ефикасноста на спречување би била повисока. Спротивно на ова, кога се врши шпионирање врз милиони луѓе, тогаш ефикасноста се намалува поради проблемот на наоѓање „игла во сено“.

Безбедност или контрола?

Еден од напаѓачите врз Шарли Ебдо и бил добро познат на француската полиција како радикалист и тој имал криминално досие. Сепак, полицијата во одреден момент изгубиле трага, или не го сметале за толкава закана, и се „откажале“ од него. Видовме како заврши тоа сценарио. Сега дознаваме дека француската и германската полиција се сретнале пред неколку недели за да дискутираат околу „неизбежен напад врз Париз“ и дека прашањето било „кога, а не дали“.

Се откри и дека во јули годинава биле украдени околу 200 детонатори и гранати од воено складиште во југоистокот на Франција. Дополнително, се покажа дека Омар Мостефаи, еден од напаѓачите кои убија околу 100 луѓе во Батаклан салата во Париз, исто така бил познат на француската полиција и имал криминално досие.

Не велам дека овие напади можеле лесно да бидат спречени. Сите наоди покажуваат дека последниов напад бил беспрекорно координиран. Но замислувам како е да се живее во Париз периодов. Од една страна властите ми кажуваат дека ме следат, и дека моите слободи и права се ограничени заради мое добро. Дека масовното набљудување спречува тероризам.

Од друга страна гледам како моите сограѓани умираат баш поради тоа што ова ветување не е исполнето. Како тогаш да се чувствувам безбедно? Напротив, ќе се чувствувам соголено. Ќе се чувствувам контролирано. Можеби тоа е целта.

Одрекување од одговорност: Колумните кои што се пишуваат на Смартпортал од нашите колумнисти се место каде што се истакнуваат нивните лични ставови и не секогаш се официјални ставови на порталот.

Претходна статијаSamsung Exynos 8890 е одговорот на новиот Snapdragon 820
Следна статијаWindows 10 Mobile сепак нема да може да работи со Android апликации