Последната, осма епизода е дефинитивно шлаг на тортата. Претходната заврши со огромен клифхангер. Бејби Јода е во рацете на двајца Стормтрупери што треба да го однесат кај Моф Гидеон, главниот негативец што ги држи на нишан Мандо и неговите двајца партнери во злосторот (Кара Дуне и Аполо Крид).

Епизодата освојува уште од првите неколку сцени. Двајцата Стормтрупери што го украдоа Јода се познати комичари, од кои едниот прилично познат (Џејсон Судекис). Нивниот banter е предобар, и прилично смешен и интересен, иако на моменти го удираат бебено Јода и посакуваш да умрат на прилично бавен и болен начин. Тоа и се случува, само не толку бавно. Дроидот IG, репрограмиран од робот убиец со мисија да го убие Бејби Јода, во миротворен Дроид кој има задача да го негува и штити истото суштество, доаѓа на спас.

Тој многу брзо и ефикасно се отарасува од двајцата Стормтрупери и го спасува Бејби Јода. Тоа води кон обединување на Дроидот и Јода со Мандо и компанија. Следуваат неколку акциони сцени што се тензични, одлично кореографирани и кои изгледаат како да се искочени од некој огромен блокбастер. Последнава епизода стварно има толку многу добро врзани елементи на хумор, драма и тензија што имаш чувство дека гледаш филм, а не епизода од серија. Кога ќе видиш дека режисер е Таика Ваитити (Тор: Рагнарок), работите стануваат малку појасни.

И уште еднаш мора да се спомне глумата на Педро Паскал. Човекот растури во улогата на Мандо. Од осаменик кој мрази дроиди, тој на крај се трансформира во татковска фигура што е тажен поради заминувањето на дроид од неговата екипа. Притоа само еднаш покажувајќи го своето лице.

Мандалоријан има се што можеш да посакаш од една серија. Добра акција, одличен хумор, феноменална глума и кинематографија, добра приказна и добро осмислени ликови и душа. Читајќи за најновиот Стар Ворс, се чини дека Мандалоријан го обели образот на Стар Ворс универзумот овој месец.

Рандом обсервации

  • Конечно, се спомнуваат Џедаите, иако набрзинка.
  • Не сум експерт за работи поврзани со Стар Ворс, но изгледа лајтсејберот што го има Моф Гидеон е прилично битен.
  • Толку од Бејби Јода за годинава. Ќе се задоволиме со мемињата додека не излезе втората сезона.
Претходна статијаТоп 9 филмови што ги гледав во 2019
Следна статијаВиталиа – општествено одговорна компанија во која жените се силен поттик за развој