Ако имате 20 минути вишок – а имате – изгледајте го ова видео на Foundation for Economic Education за историјата и развојот на стримингот. Нема да го прераскажувам бидејќи навистина вреди да се погледне цело, но сакам да истакнам 2-3 главни поенти и неколку неверојатни податоци.

Денеска имаме отворен пристап до неограничен број на содржини на стриминг медиумите (дали е Нетфликс, ХБО, Амазон, Хулу, Дизни +, сеедно). Сите овие содржини се достапни за некаде околу 7$ месечно (иако кај нас се и „бесплатни“, по торенти). Во однос на просечната плата во САД, американците ги заработуваат овие 7$ односно месечниот пристап до сите овие содржини за само 18 минути работа!! Или, месечен пристап до толку богата филмска содржина = најголемото бурито во Тако Бел.

Се почна од 1 национална телевизија со 2-3 канали кои не функционираа кога има дожд и со VHS касети. На дел од нас ни текнува како изнајмувавме касети од видеотеки (често по ужасен квалитет на снимка, standard definition) и моравме да ги вратиме наредниот ден, или плаќаш казна. Не можам да се сетам на цените тогаш, но 4-5 филма ќе те фати сигурно 200-300 денари (сегашни 500 денари, односно износот што би го платил за Нетфликс за цел месец неограничен број на филмови). Денеска се ни е достапно на клик и за 500 ден/месечно (при просечна плата од 25,000 ден, овие 500 ден = просечен работен ден, со што всушност излегува дека за 3-4 часа работно време се заработува месечниот пристап до светските стриминг медиуми!).

Освен овие податоци (колку е суптилен прогресот, нели?!), сакам да ги споделам овие 2-3 главни поенти од видеото:

  1. Развојот на пазарите и технологијата е непредвидлив и спонтан – не зависи од ничија централна волја или политички „план“. Реткој кој од пред 20 години можеше да увиди дека иднината не е во касети и видеотеки туку стриминг медија. Што општеството станува посложено, поразвиено и глобално поврзано, тоа помала е веројатноста дека истото може да се планира/диригира „од еден центар“.
  2. Оние претприемачи кои имале „сенс“, интуиција и храброст (пр. основачите на Нетфликс, тогашен старт-ап, а не доминантна корпорација!) како ќе се развиваат пазарите во иднина денеска се милионери. Со причина, и заработено.
  3. Пазарот, се додека е слободен, е процес. Ако се гледа како snapshot – одреден временски тајминг – ќе изгледа како Блокбастер бил „природен монопол“ и немало начин како да се симне од доминација (она што денеска се зборува за Гугл и Фејсбук на пример). Но, во одреден временски процес – се додека доминантните играчи на пазарот не се заштитени со протекционистички политики – се појавуваат нови играчи, кои носат подобрени услуги и ги привлекуваат муштериите од оној на врвот. Истото се случува сега и со Нетфликс кој е приморан или постојано да иновира и вложува во топ услуга или ќе го изгуби пазарното учество. Идејата дека пазарот кога е слободен води до монополи е МИТ – со кој се оправдува државниот интервенционизам кој штити одредени олигарси и моќни фирми од конкуренција.

И, главната лекција? Ваков БУМ на стриминг пазарот – со толкава достапност на ПРЕЈАКИ серии (Black Mirror, GoT, Mindhunter, Hannibal, итд.) – НЕ МОЖЕ да се случи во ниту еден систем освен во капитализмот.

Претходна статијаHuawei најавува нова верзија од Mate X со поцврст екран, побрз процесор и подобар механизам за преклопување на екранот
Следна статијаПреку мал „хак“ до floppy дискета со капацитет од 128 GB
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.