Let’s have fun. Што и да напишеме, не може повеќе да ја утнеме работата од дел од еколозите кои од пред 100 години предупредуваат само што не сме ја уништиле Планетата или пак социјалистите кои веќе 200 години ги убедуваат луѓето дека само што не пропаднал капитализмот, стрпете се („ќе победеле“).

  • Политика и економија

Веќе повеќе од извесно е дека како „северњаци“ ќе бидеме дел од Нато и Европската унија која многу веројатно ќе си продолжи да постои само во некој друг формат. Влезот во ЕУ ќе повлече дополнителни селења од земјава, но економскиот ефект од ова ќе биде воглавно неутрален (се додека не почнат да се селат цели семејства, со се баби и дедовци) бидејќи економскиот развој пред се зависи од квалитетно образование, владеење на право и економски слободи (затоа и денеска земји како Германија и Јапонија се на врвот, без разлика што имаат се постаро и постаро население), а нашата економија дише и од дознаките на иселениците.

Во овој период најмалку еднаш ќе се соочиме со Грчко сценарио – банкрот – каде што ќе бидеме принудени конечно да направиме реформи во јавните финансии и администрацијата.

Просечниот доход ќе продолжи да се зголемува, бавно, со слично темпо како и досега, но скоро секој производ и услуга ќе бидат се поевтини (како и што се случува од 90′ па навака) и подостапни за што поголем број граѓани. Со исклучок на „јавните услуги“ како здравството, образованието и „социјалната држава“ – цената на истите ќе оди само нагоре поради самата неефикасна природа на услугите под „државна капа“ (како што е и сега).

Скопје ќе продолжи да „расте“, а малите градови (со исклучок на пограничните) да замираат. Нема сопирачка на овој процес. Претседател ќе биде Албанец, а помалите партии ќе имаат свои пратеници. Без разлика, се ќе остане исто во политиката.

  • Технологија

Се повеќе и повеќе од економијата ќе припаѓа на ИТ секторот и дејности поврзани со оваа индустрија. Мал дел од населението ќе има self-driving коли, средната класа ќе вози воглавно хибриди, а Државата се’ уште ќе биде „во постапка на промена на автобусите“. :)

Крипто-валутите ќе бидат легални и ќе бидат во отворена конкуренција со банките за плаќања во и надвор од државата.

Од 7ца до Лесковачка, храната ќе ја готват и услужуваат роботи. 10-20% од постојните работни места ќе бидат автоматизирани – двојно повеќе нови места ќе бидат отворени поради технологијата.

Горе-доле тоа е тоа. Ништо спектакуларно, освен не малата веројатност да биде спектакуларно погрешно. :)

Претходна статијаКога музиката го прави филмот
Следна статијаНоември на Пикбокс – Не сакате да го пропуштите
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.