smart-city-india

На одличниот самит кој на 20 и 21 октомври го организираше невладината организација Macedonia 2025, имаше многу интересни теми особено во сферата на напредната паметна технологија. Особено интересна за мене и верувам за читателите е проблематиката со сообраќајот и загадувањето денес, која ја дискутираше Михал Клоцек, експерт во бизнис развој, бизнис стратегии, „паметна мобилност“ и електрични возила и воедно главен на канцеларијата за развој на бизнис за Полска и Централно-Источна Европа, Hitachi Europe, Полска.

Размислувањата на Клоцек се прилично напредни – тука се дискутираше за паметна мобилност и паметни градови, кои делуваат прилично нестварно гледајќи ја актуелната ситуација со сообраќајот во Скопје. Всушност, таквите напредни размислувања можат некого да натераат и веднаш да ги отфрли – како тоа да размислуваме за паметен град кога уште немаме добро решена мрежа со велосипедски патеки? Но, што ако тоа си го поставиме како цел? Што ако речеме, заедно со целите на Macedonia 2025, дека до 2025 сакаме Скопје да биде самоодржлив, паметен град, кој ќе биде предводник во регионот? Дали е тоа навистина возможно?

Дали навистина треба да поседуваме автомобил или пак втор автомобил?
Ова прашање често и самиот си го поставувам, бидејќи особено многу ги сакам автомобилите. Сигурен сум дека и кај поголемиот дел од луѓето е истото – секој сака да има сопствен автомобил. Но, дали е тоа навистина потребно? Дали секоја фамилија мора да има автомобили или пак дури и два автомобили?

Иако особено многу се радувам на секоја минута која ќе ја поминам зад воланот на некој автомобил, последниве неколку години скоро и да престанав да го користам за возење во Скопје. Велосипедот најчесто ми е одличен придружник, а знам и да го искористам јавниот превоз.

Причината за ова беше прво проблемот со паркирање – повеќе време губев додека најдам кај да ја паркирам колата, отколку да отидам со велосипед до посакуваното место. Покрај тоа, ова е загуба и на пари и целосно го расипува задоволството кое инаку ми го пружа возењето. Навистина, нема ама баш никакво задоволство во тоа да барате место низ паркинзите во Скопје.

cc8a8984-copy

Делење на автомобили или “Car Sharing”
Првото и многу едноставно решение кое го претстави Клоцек е делењето на автомобил, односно таканареченото Car Sharing. Ова можеби делува премногу сложено за некои од Вас, но од друга страна би можело да намали 15% од гужвата во сообраќајот во Скопје уште во старт. За полесно делење на автомобилите има и разни апликации кои можат да помогнат во тоа, а од него може и лесно да се заработи, односно значително да се намали трошокот за патување.

Одличен пример за ова е Facebook групата „Превоз Битола-Скопје и обратно“, каде студенти и млади луѓе кои често патуваат на таа релација се договараат да ги споделат трошоците со сопственикот (возачот) на автомобилот. Нормално, Facebook не е баш најдобра алатка за ова, но корисниците на групата одлично ја имаат прилагодено за своите потреби. Што ако тоа искуство можеме да го искористиме за изработка на апликација која ќе овозможи лесно делење на автомобили во Скопје? Ќе имаме помало загадување на воздухот, помало звучно загадување, ќе трошиме помалку пари и ќе се социјализираме. Според мене, прилично добро решение за град кој веќе подолго време се мачи со несреден сообраќај.

Електрични автобуси како идеално решение за Скопје
Погоре спомнав дека неретко го користам и јавниот превоз, бидејќи е евтин и последниве неколку години прилично точен и навремен. Сепак, останува проблемот со загадувањето – дизел автобусите кои вртат низ Скопје се едни од главните загадувачи на воздухот и се причина зошто Скопје е редовно меѓу најзагадените градови во светот. Како аналогија само ќе го спомнам фактот кој ни го кажа Клоцек – еден ден поминат во Пекинг, кој има огромно загадување на воздухот, е исто како да сте испушиле 40 цигари. Скопје е дури и позагаден од Пекинг во зимските денови!

Затоа, за Скопје одлично решение би биле електричните автобуси. Всушност, електричните автобуси треба да бидат и првото решение за почист воздух во Скопје – електричните автомобили сѐ уште се скапи и не секој може да ги поседува и тие треба да бидат вториот бран на еколошката мобилност.

cc8a9005-copy

Предностите на електричните автобуси се огромни – тие нема воопшто да го загадуваат воздухот и се многу потивки од дизел автобусите, а бидејќи ќе имаат големи батерии кои ќе имаат многу голем капацитет, ќе можат да се користат и како извор на електрична енергија во случај на природни катастрофи. Генијално решение!

Електричните автобуси би ги немале и проблемите со автономијата, бидејќи по секое застанување на последната станица би можеле да се полнат. Автобусите кај нас обично поминуваат половина час на првите/последните станици, време кое е доволно за батериите да се дополнат со брз полнач, а безжични полначи би можело да има и на секоја станица каде ќе застане автобусот (како на фотографијата погоре).

Електричната мрежа мора да се добива од чисти извори
Сите идеи за електрични автобуси и возила паѓаат во вода доколку електричната енергија ја добиваме од нечисти извори. Кај нас, главен извор на електрична енергија е „РЕК Битола“, кој е „заслужен“ за Битола да биде втор најзагаден град во Европа после Скопје.

Михал Клоцек особено истакна (заедно со неколку други говорници на самитот), дека Македонија има идеални можности за обновлива енергија. Ние сѐ уште имаме недоволно искористен хидро-потенцијал, а имаме и 300 сончеви денови во годината кои ама воопшто не ги користиме. Исто така, има и многу ветровити подрачја кои може да се искористат за добивање на електрична енергија. Македонија не само што треба, туку мора итно да почне со вложување во обновливи енергии како начин на кој ќе оствари енергетска самоодржливост, која на подолг рок може да овозможи и значителни економски придобивки.

cc8a9013-copy

Други паметни технологии кои ни го прават погледот кон иднината многу посветол
Михал Клоцек накратко спомна и многу други начини кои можат да се искористат за некој град да се направи паметен. На пример, корисниците на електричните возила можат да имаат апликација која ќе ги знае неговите животни навики и ќе го полни автомобилот според неговите потреби, односно доколку нема потреба од полнење на батериите преку ден, автомобилот ќе се полни во поевтина струја навечер.

Веќе наполнетата електрична енергија во евтина струја автомобилите би можеле да ја вратат во електричната мрежа во скапа струја доколку има потреба од тоа, нормално со рефундирање на корисникот. Ова само дополнително ќе ги намали трошоците за возење на електричните возила, но и на поседувањето на автомобилот воопшто.

Што ние треба да направиме за одржливо и мобилно Скопје?
Првиот чекор е да го намалиме користењето на автомобилите. Скопје (и другите градови во Македонија) патат од проблемот „еден патник еден автомобил“. Поголемиот дел од автомобилите кои се возат имаат само еден патник, поточно возачот, што е исклучително неефикасно – замислете автобусите секогаш да имаат по 15-тина патници.

Последниве неколку години се актуелизираше возењето на велосипеди, но тие и натаму главно се користат за разонода во слободното време, иако има луѓе кои ги користат и за одење до работа. Сепак, бројката е и натаму мала –  на пример неодамна бев во Келн, град кој има далеку поразвиен сообраќај од Скопје и таму повеќе од пола од работниците возат со велосипед на работа.

cykelparkering-bruuns-bro1

И компаниите мораат да ги помогнат возењето на велосипеди на своите вработени со најразличен тип на субвенции за оние кои ќе одат со велосипед на работа, но и да помогнат во изработување на “Car Sharing” програма за вработените. Овие две решенија не само што ќе ги намалат трошоците на работниците, туку и на целата компанија, а воедно ќе бидат заслужни и за помало загадување и подобар проток на сообраќајот.

Клоцек спомна и дека во иднина ќе треба да бидеме и многу поодговорни за електричните автомобили. Ова сѐ уште не е проблем, но доколку сите ги полниме нив на јавни полначи, тогаш гужвата на нив би била огромна, бидејќи полнењето трае подолго од тоа на денешните автомобили кои возат на фосилни горива. Најдобро решение е секако корисниците да ги полнат автомобилите на својата домашна мрежа. Иако ова не е нешто кое треба да го мислиме во моментов, го спомнувам само како идеја колку ние самите сме одговорни за нашата околина.

Паметната мобилност можеме да ја почнеме уште денес
Сето ова што го спомнав погоре, откако добро ќе се размисли и не е некоја научна фантастика. Скопје има можност за паметна мобилност и на тоа може да почне да се работи уште отсега. Секако, главниот град го земав како пример, но паметната мобилност би можела да се имплементира во сите други градови во нашата земја.

За поголемиот дел од тоа сме заслужни самите ние – мора да бидеме поодговорни за нашето опкружување. Едноставно е – одете заедно со колегите на работа и возете повеќе велосипеди. Самото ова потоа би можело лесно да ги потегне и сите други решенија кои ги спомнавме погоре, а за кои потоа ќе треба интервенција и помош и од државните институции. Паметно Скопје не е воопшто далеку, но за да го постигнеме тоа, ќе мора да почнеме да работиме уште денес.

Претходна статијаElephone S7 е копија на Galaxy S7 Edge и е отпорен на експлозија?
Следна статијаLastPass овозможи бесплатно синхронизирање со сите уреди