Дали тоа што не го обожаваш „Црниот Пантер“ значи дека си расист? Ако се водиме по дебатата која се води низ САД, одговорот е ДА. Односно, ако не си ништо помалку од воодушевен од филмот, веројатно нешто не е во ред со тебе.

Црниот Пантер, по повеќе параметри е солиден суперхеројски филм. Еден од подобрите филмови во Марвел универзумот. Се разбира, она што е најопеано во западната јавност е тоа што конечно публиката може да види црн суперхерој на големите екрани (заборавајќи го Весли Снајпс и Блејд трилогијата).

Глумците се одлични. Чедвик Босман е фантастичен во улогата на главниот протагонист. Како улогата да е скроена за него. Исто така, главниот негативец е одличен, еден од подобрите негативци во филмовите за суперхерои. Најдобрите негативци предизвикуваат конфликтни чувства кај публиката. Односно, тешко се одлучуваат дали да го мразат, или да го сакаат. Најчесто ги прават и двете работи. А, Ерик Килмонгер е токму од овој вид на негативци. Во секој случај, неговата улога е километри подалеку од она што го понуди Хит Леџер со улогата на Џокерот во Бетмен. Џокерот е ненадминлив негативец.

Но, филмот е далеку од импресивен. Приказната е возбудлива, но сепак на моменти е бавна и неинтересна, особено на почетокот. Визуелните ефекти се импресивни. Но, на повеќе моменти се препознава дека на екранот не се наоѓаат вистински глумци, туку CGI. Тоа особено е очигледно во текот на последната битка каде што се добива впечаток дека гледате аниминиран филм.

Но, она што предизвика бури низ социјалните медиуми е единствената негативна критика која филмот ја доби на Rotten Tomatoes, непосредно по премиерата (Во моментов има 11 негативни критики). Критика која беше дочекана „на нож“, а нејзиниот автор обвинет за расизам. Паранојата отиде до таму што некои луѓе отворено прашуваа дали е во ред да купуваат карти за да го гледаат филмот, од страв да не предизвикаат негативни чувства кај афроамеричката публика.

Црниот Пантер дефинитивно е еден од најочекуваните филмови на Марвел, и веројатно за овој серијал постои светла иднина. Истовремено, филмот почна да се прикажува во доба на политичка поларизација која можеше да се согледа и низ дебатите околу филмот.

Дефинитивно препорачувам да го гледате. Само, не чувствувајте притисок да го обожавате, туку погледнете го како што го гледате и секој друг филм.

Претходна статијаQualcomm претстави WiFi чип за новата генерација на безжични мрежи
Следна статијаHuawei P10 е првиот паметен телефон кој знае да вози