Време е за одмори, па не посветував толку многу време на читање и други продуктивни работи периодов. Сепак, од време на време наоѓав време за интересно видео, напис или серија/филм. Ова се работите во кои уживав изминатиов период.

Филм кој конечно го изгледав

Bird Box. Филм кој долго ми беше на листата, но никако да го изгледам. Конечно го изгледав по препорака на девојка ми. Одличен филм. Морничав, оригинален (иако е снимен според книга) и постојано возбудлив. Замислете си го Happening, но претерано подобар и ќе го добиете Bird Box. Сандра Булок заслужи некаква награда за филмот поради нејзината глума. Она што мене ме разочара е крајот на филмот, но тоа не одзема од целокупното уживање. Филмот беше толку добар што МОРАВ да добијам некои одговори на крајот, кои не ги добив. Ако не сте го гледале, сега е времето. Јас, во меѓувреме, ќе ја читам книгата за да видам дали може да дознаам нешто ново и од тој материјал.

Трејлер за филм кој го очекувам

IT: Chapter Two. Првиот дел ми беше еден од омилените хорори таа година, и еден од подобрите што сум ги гледал. Иако кино-салата беше полна со тинејџери кои се смееја и довикуваа на секоја втора сцена, сепак филмот ми остана во сеќавање. Трејлерот за вториот дел наговестува дека второто поглавје ќе биде уште подобро. Режисерот вети дека вториот дел ќе биде повеќе наклонет кон хорор жанрот, што е сосема соодветно земајќи предвид дека главните ликови се 27 години постари. Кастингот изгледа исто така феноменален. Џејмс Мекавој и Бил Хадер се дел од екипата. Ова ќе мора да се гледа.

Одлична книга што ја читам во моментов

12 Rules of Life: An Antidote to Chaos. Дванаесет правила е екстремно успешната и бестселер книга на сега глобално познатиот Џордан Б. Петерсон. Ако не го знаете, тој е професорот од Канада кој стана познат со своите Јутјуб серијали на предавања, како и по виралните видеа во кои се расправа со група на луѓе што протестираат против работите што тој ги зборува. Книгата е посветена на само-развој и е поделена на 12 правила што ако ги следиме, ќе донесат ред во нашите животи. Засега е одлична, иако на моменти малку предолго се задржува на некои поенти.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.