Shutterstock.com

Петта сезона на Better Call Saul

Реков пред некое време дека не ми е јасно зошто Better Call Saul ја нарекуваат дури подобра од Breaking Bad. Епа, ја гледав последната епизода од сезона 5 и уште не ми е целосно јасно. Ама, ми станува појасно. BCS е супер серија, ама мозокот не може, а да не ја споредува со Брејкинг, иако се многу различни. Како и Брејкинг, станува се подобра од сезона во сезона, од епизода во епизода. Последните две-три епизоди дури и стигаат до нивото на Брејкинг.

Главниот негативен лик во оваа сезона (Лало Саламанка) е еден од подобрите негативци во двете серии. Има неколку тензични сцени што те тераат да гризеш нокти, нешто што не го очекував. Особено кога веќе знаеш дека некои ликови сигурно ќе преживеат. Браво за Винс Гилиген и екипата. Со оглед на тоа како заврши петтата сезона, не можам да ја дочекам шестата, толку јако заврши сезонава. А како тргнала работава, нема да почнат со снимање годинава, па ќе се изначекаме.

Книга што ја читам моментално

Children of Dune. Скоро ја препрочитав Дина (1965) и ми остави толку силен впечаток што одма земав да ја читам и втората книга од серијалот, Dune Messiah. Втората е одлична, но не ги достигнува величините на својот претходник. Како прво, дупло пократка е (Дина е над 600 страници). Второ, на моменти работите се случуваат пребрзо, без некое претходно објаснување и детали. Исто така, периодот помеѓу двете книги е нешто што воопшто не се обработува во Messiah, а тоа би било преинтересно. Сепак, последните 10-15 страници се толку многу добри што го оправдуваат читањето на целата книга. Некои слики ќе останат со мене. Периодов ја читам и третата, Children of Dune. Сакам да ги исчитам сите шест напишани од Френк Херберт пред да искочи филмот во декември годинава (ако не го одложат).

Позитивни Јутјуб канали

Some Good News. Можеби веќе сте налетале на каналов на Џон Красински (Џим од „Офис“). Откако почна ситуацијава со КОВИД19, секој ден читаме и гледаме апокалиптични сценарија кои само повеќе не туркаат во страв и параноја. Красински го почна каналов за да почне да шири позитивни вести. Има видеа од луѓе што си помагаат едни со други, доктори и други медицински лица што несебично работат да спасат што повеќе луѓе и други позитивни работи што навистина се светла точка во кризава. Ако ти треба малку позитива, изгледај неколку епизоди. Можно е да те разведрат.

One Bite Pizza Reviews. Човеков јаде и оценува смрзнати пици додека е во карантин. И презабавен е. Има нешто во начинот на кој зборува што е автентичен и смешен. Не можам да престанам да му ги гледам видеата.

Претходна статијаТечниот нафтен гас за возилата е број еден алтернативно гориво во ЕУ – чисто, евтино и достапно
Следна статијаНова кампања за сервисирање на Huawei уредите