Заштитата на нашите комуникации на интернет станува се поголем проблем, бидејќи и најдобрите енкрипции можат да бидат одгатнати од хакерите. Затоа, научниците работат на квантна енкрипција, која ќе биде невозможно да се пробие со помош на техниките на хакерите достапни денес, односно тие никогаш нема да може да стигнат до вистинските податоци.

Проблемот со квантната енкрипција е што таа е премногу бавна за да има примена во денешните начини на комуникација меѓу луѓето, а тоа особено важи за говорните повици на нашите телефони или пак дури и видео повиците. Тие и натаму се лесна мета на секој кој сака да ги чуе, а особено на властите и хакерите.

Нов тип на квантна енкрипција се обидува да го реши ова, со тоа што користи еден фотон за два бита информација, наместо еден фотон за еден бит како досега. Тие го постигнале тоа со помош на контролирање на испуштањето на фотоните, односно на времето на испуштање и детектори на фотоните, кои работат со многу висока брзина.

На овој начин, фотоните добиваат својства кои ги немале досега и ефективно, брзината на енкриптирање се зголемува за 5-10 пати во однос на досегашните квантни решенија. Според научниците, ова решение може да се користи и „преку воздух“, односно да се вгради во преносни уреди, но засега уредите кои треба да го енкодираат сигналот се премногу големи, како куќиште од компјутер.

Сепак, во иднина оваа технологија би можела да се доразвие и скоро секој уред да добие можност за квантна енкрипција, што би можело да значи крај на прислушувањето и пресретнувањето на повици.

Извор: Engadget, Science Magazine, TechCrunch

Претходна статијаSamsung претстави „Бургунди Црвена“ боја за Galaxy S8
Следна статијаСреќна Нова Брзина ви посакува Неотел за 2018 година