фдс

Најголемиот дел од целокупната технолошка заедница реагираше позитивно на фактот што Apple и (во нешто понизок степен) Google воведоа и поддржуваат оперативни системи со вградена енкрипција која и самите тие не можат да ја пробијат. Сепак, одредени ентитети покажуваат силна агресија кон се посилните методи на енкрипција кои ги применуваат овие компании, па интересно е да се следи како ја канализираат оваа агресија низ употреба на различни застрашувачки тактики со сензационалистички аргументи.

Живееме во време во кое владее борба помеѓу технолошките компании, кои се повеќе се наклонети кон зголемување на квалитетот на приватноста која нивните корисници ја имаат кога ги користат нивните услуги и светските власти на кои не им се допаѓа овој тренд и се обидуваат на разни начини да го забават порастот на употреба на дигиталната енкрипција. Оваа борба веќе е наречена „Крипто Војна 2.0“ од некои аналитичари, по првата која се водеше во 1990-те години, околу енкрипцијата на тврди дискови.

Во агресивната PR кампања против енкрипцијата најгласен е Џејмс Корни, директорот на ФБИ, кој на неколку наврати во јавноста изрази став дека со вградување на непробојна дигитална енкрипција во своите мобилни уреди, Google и Apple всушност ги спречуваат безбедносните и разузнавачки служби да ја вршат својата должност, која е заштита на безбедноста на граѓаните на САД.

Ова е стандарден аргумент на лица на позиција на моќ, на кои не им се допаѓа кога таа моќ добива одредена противтежа. Оттаму, не зачудува тоа што Корни верува дека енкрипцијата ја користат само криминалци или лица кои што сакаат да се стават себеси пред законот, притоа игнорирајќи го фактот дека енкрипцијата е сосема легална, како што е легално и поседувањето на електронски уреди со вградена енкрипција.

Особено интересно е тоа што тој вели дека Пост-Сноуден ерата не одвела во време во кое еродира довербата, а владее недовербата. Не би можел да се согласам повеќе, но од сосема различни причини. Довербата е одамна разнишана, но таа што ја имаат граѓаните во службите кои се должни да ги штитат. Како да се зајакне довербата знаејќи дека тие што се задолжени за прогонување на „лошите момци“, ја злоупотребувале својата моќ за да набљудуваат обични граѓани кои немаат никаква поврзаност со било каков терористички чин? Како да ја градиме довербата во системот кога неговите водачи упорно не уверувале дека се грижат за и го штитат нашето право на приватност, а притоа блатантно го нарушувале истото континуирано во подолг период?

eye

Мисијата на Корни (и на ФБИ) е јасна: да влее страв во јавноста и да го насочи јавното мнение кон заземање на ставот дека зајакнувањето на енкрипцијата на мобилните уреди ќе доведе до општо загрозување на нашата безбедност, поради неможноста на ФБИ и другите безбедносни служби поефикасно да спречуваат терористички чинови.

Ваквите апокалиптични прогнози сепак не треба да не оддалечуваат од фактот дека силната енкрипција е полезна за целокупната јавност. Целта на енкрипцијата е да спречи неовластен влез во нашиот приватен домен, без разлика дали станува збор за полициските служби, „хакери“ или пак други лица кои имаат цел да ни наштетат на било каков начин. Наивно е да мислиме дека доколку Apple и Google вградат „задна врата“ во своите уреди и оперативни системи, истата ќе ја употребуваат само „добрите момци“.

Тоа што загрижува е што Корни сака да ја продолжи битката на друго место: во Конгресот на САД, каде што веќе се предложени мерки кои, ако усвоени, ќе им овозможат на полициските служби „заобиколување“ на вградените енкрипции во сите електронски мобилни уреди, омаловажувајќи ги сите обиди на Apple и Google што поефективно да ја заштитат приватноста на нивните корисници. Веројатноста ова да стане реалност засега е мала, но алармантно е тоа што разни државни ентитети сакаат да ги направат нашите мобилни уреди ранливи и да не убедат дека со енкрипцијата си штетиме самите на себеси. Да им го покажеме спротивното.

Претходна статијаДенеска завршува продажбата на Windows 7 на производителите на компјутери
Следна статијаМаркО победи на “Community Awards” на “Pioneers Festival”