Во претходните текстови од серијалот Крипто 101 (за основни концепти во оваа нова област) дискутиравме: „кој е Сатоши Накамото“, „како започна крипто приказната“, „дали Биткоин е измама“, за „важните датуми за Биткоин“, „каков е правниот статус на Биткоин во Македонија“, како да „купите и чувате крипто“ и за „паметните договори“. На ред се токените (& Initial Coin Offerings, или ICOs) кои играат голема улога во оваа сфера.

Ок. Што се тоа токени? За почеток, „токени се криптографички обезбеден дигитален сет на права“ (TechCrunch). Што??? Ок, чекор назад.

Замисли Facebook е во фаза на изградба и Zuckerberg не го ферма ниту еден голем инвеститор. Планира ограничен n број на профили – право да креираш корисник на нивната идна платформа – и почнува да ги продава однапред за 1$ по профил да собере капитал да го направи Facebook. Вие немате право на сопственост врз Facebook, ниту пак ќе имате право да одлучувате за развојот на платформата или кој ќе биде CEO (барем во стандардните ICOs). Не, вие купувате идно право на користење на платформата и толку! Ова би било т.н. usage token, токен со кој имате право на користење на услуга (но за ова повеќе во вториот дел). Кога/ако Зукерберг го лансира Facebookвие или ќе можете да си креирате профил и да ја користите социјалната мрежа или да го шитнете правото на профил (токенот) на слободен пазар и да заработите капитална добивка од разликата помеѓу иницијалната и пазарната цена.

Токенизација е всушност „методот со кој се конвертира одредено право врз средство во дигитален доказ на блокчеин“ (во нашиот случај, право на идно користење на Facebook преку креирање корисник, претставено како дигитален токен). Со други зборови, токенот е еден вид на доказ во дигитален формат дека некој х поседува право на користење нау, доказ кој поради непроменливата природа на блокчеинот (барем на оној на Биткоин) не може едноставно да се промени или лажира.

Гореспоменатиот термин Initial Coin Offering (или ICO, скратено) го означува процесот на иницијална продажба на токенот од страна на фирмата на отворен пазар. Продажбата најчесто се одвива во биткоини или етери и воглавно се користи од страна на технолошки стартапи за проекти од децентрализирана и/или блокчеин природа.

Во следниот дел ќе видиме кои се pros & cons од ICOs, и кои се главните видови на токени.

Претходна статијаGoogle Chrome ќе има нов изглед, а еве како веднаш да го вклучите
Следна статијаTesla претстави даска за сурфање од 1.500 долари и веќе се распродаде