Andre Francois / Unsplash

Во претходниот воведен дел накусо објаснивме што се тоа токени и иницијална продажба на токени (ICOs). Односно, заклучивме дека токенизацијата е всушност „метод со кој се конвертира одредено право врз средство во дигитален доказ на блокчеин“, или пак, накусо, еден вид на доказ во дигитален формат дека ентитет х поседува право на користење (или дел од) на нешто у. Од друга страна пак, ICOs е процесот на иницијална продажба на токенот од страна на фирмата на отворен (и засега, формално нерегулиран) пазар.

Токенизацијата овозможува лесен пристап до капитал на стартапите. Дел од нив успеа да соберат милионски суми за помалку од минута на овој начин (тука може да прочитате добар краток водич за како да учествувате во дел од овие ICOs). За разлика од класичните јавни понуди кои се многу посериозно регулирани и во некои земји на нив може да учествуваат само сертифицирани инвеститори, ICOs се отворени за секој.

Типови токени

Иако не постои формална класификација, воглавно, постојат два вида на токени кои засега се користат во крипто светот:

  1. Секјурити токени (securities tokens).Овие токени се третираат како хартии од вредност, како класична инвестиција и подлежат на стандардните регулаторни правила (барем во САД). Истите претставуваат право на сопственост и контрола врз фирмата, баш како класичните акции. Поради обемната регулација и комплексност, воглавно стартапите ги избегнуваат овие токени.Примери за security tokens може да видите на следниот линк.
  1. Услужни токени (utility tokens). Овие најчесто користени токени се познати и како „Network Access Tokens” бидејќи главната карактеристика им е што овозможуваат пристап до самата мрежа/апликација и услугите кои ги овозможува истата. Најпознат пример е Етерот кој на сопственикот му овозможува пристап до Ethereum, односно може да креира и користи паметни договори. Список на utility tokens може да видите на следниот линк.

Самите криптовалути исто се сметаат за токени, бидејќи овозможуваат користење на платниот блокчеин систем, но да не правиме конфузија ќе ги оставиме на страна.

Pros & Cons

Како што спомнавме погоре, главниот бенефит на токенизацијата е што овозможува релативно едноставен начин за прибирање капитал за стартапите и демократизација на инвестициите бидејќи е отворен и достапен за секого а не само за големите играчи.

Секако, како за секоја новина па и се во животот, постојат и ризици (кои со текот на времето и созревањето на концептот би требало да се минимизираат). Имено, сеуште нема развиено формални процеси на анализа и оценување на стартапите и токените. Иако ова важи и за останатите нови фирми – кој знаеше добро (па и денес) како Facebook ќе функционира. Вториот клучен проблем е што тешко се определува вредноста на токените. Особено што сега постои и голем шпекулативен балон, па тешко е да се определи дали цената на токенот е блиско поврзана со неговата реална корисност и вредност.

Во следниот текст ќе видиме неколку примери и совети за како и дали може да се учествува во некој од ICOs.