Крипто 101: „стабилни“ коини

Продолжуваме со серијалот Крипто 101 во кој објаснуваме основни концепти од крипто сферата. Претходно пишувавме за токени, паметни договори и идејните татковци на Биткоин

Доколку макар малку ја следите оваа област, веќе знаете дека еден од поголемите предизвици на криптовалутите е нивната голема волатилност, односно честата промена на вредноста. Од неколку долари во првите 2-3 години, па до 1.000$ во 2017 по што следуваше вртоглав раст на цената кој достигна и до 17.500$ во декември 2017, за денеска повторно да падне некаде околу 6.000$.

Има многу причини зошто Биткоин и криптовалутите се „нестабилни“ – од тоа дека е целосно нова иновација која не сме баш сигурни што е и кој и е потенцијалот, огромни шпекулирања (и манипулирања) со цената, па се до тоа дека нема доволно ликвидност – со што се отежнува користењето на истите и како платежно/разменско средство (пари) и како чувар на вредност.

Токму ова се и причините зошто на сцената се појавува концептот на „стабилни коини“. Стабилни коини се всушност криптовалути чија вредност е врзана (pegged) со друго средство кое се смета дека има постабилна вредност, со што обезбедува стабилност и на криптовалутатата. Во теорија, стабилниот коин може да биде поврзан со било кое средство. Сепак, досегашните проекти (~50 во моментот) ги врзуваат коините или со долар или евро, односно државни fiat пари (на пример, за 1тетер имате депозит од 1долар на сигурна банкарска сметка) или пак со алгоритми кои си „играат централна банка“.

Типови на стабилни коини

Секако, ова „поврзување“ на крипто светот со класичниот финансиски свет во кој доминираат големи банки и државите не им се допаѓа на многумина во оваа област (пр. види ги текстовите на Preston Byrne). Имено, пред се на многумина не им се допаѓа фактот што (барем засега, а и прашање дали овој предизвик може да се надмине) сите стабилни коини се потпираат на централизиран ентитет кој треба да го одржува „договорот“, односно pegg-от. Ова пак креира ризик од цензура, односно регулаторите или пак централниот ентитет може да банира или манипулира со трансакциите и „договорот“.

Оние пак стабилни коини кои се врзуваат со други криптовалути можат целосно да паднат во вода ако се случи голема депресијација на вредноста на криптовалутата која служи како колатерал (Black Swan настан). И на крај, во однос на оние стабилни валути кои „си играат централни банки“, па, мааните се што си играат централна банка, комплексна задача која многумина во криптосветот ја сметаат за неморална и неефикасна.

Се на се, интересен проект но со голем скептицизам помеѓу „сениорите“ во крипто светот. Будно ќе го следиме.

Претходна статијаQLED vs OLED – кои се разликите помеѓу овие технологии и која е подобра за вашите потреби?
Следна статијаВЕРНА Shop & drive е новиот бренд на маркетите на Макпетрол
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.