Во меѓународното право, постои документ наречен Moon Treaty според кој ниту една земја, ниту поединец не смее да прогласи сопственост врз месечината, или пак кои било други небесни тела надвор од границите на планетата Земја (што не ги спречува некои луѓе да го сторат спротивното).

Во пракса, овој договор е потпишан од мал број на земји, меѓу кои и Романија и Гватемала, за кои и не може баш да кажеме дека имаат некакви амбиции за вселенски освојувачки поход, или пак високо развиени вселенски програми. Земјите пак кои се гиганти на ова поле (САД, Русија, Кина), го немаат потпишано овој договор, правејќи го истиот „стерилен“ во реалниот свет. Постојат многу нејаснотии во врска со материјата која ја регулира овој договор. Што ако САД одлучи да прогласи сопственост врз месечината? Што тогаш? Дали ќе бидеме сведоци на вселенска војна за превласт врз месечината? Настрана ваквите сценарија, повелбата поставува важно прашање, од причина што, на пример, колонизацијата на Марс е идеја чија успешна реализација станува реално остварлива цел кон која веќе се работи.

Како што ситуацијата погоре е се уште во голем дел нејасна од различни причини, таква е и ситуацијата со превласта врз нашите лични податоци кои ги оставаме онлајн. Додека сурфаме, оставаме дигитални траги. Кога прикачуваме слики на нашите јавни Фејсбук профили оставаме дигитални траги. Кога возиме на раскрсница на која се поставени функционални камери, се создаваат податоци за тоа каде се движиме, и во колку часот. Кога го вклучуваме педометарот на нашиот телефон, тој создава податоци за бројот чекорите кои сме ги направиле тој ден.

Автономните автомобили, како на пример Тесла возилата, генерираат податоци за брзината со која возиме, каде точно се наоѓаме во моментот, и низа други податоци. Возилата на Гугл патуваат низ светот и ја скенираат околината, правејќи ги своите услуги пософистицирани, помоќни (Google Maps, Google Earth, Google Street View). Што ако на некои од тие слики се најдете и вие. Дали е нарушена вашата приватност, или пак фотографијата е направена на јавен простор каде што не би требало да имате високи очекувања за нивото на вашата приватност (судот во Монтреал смета дека втората опција е правилната)?

Новите играчки конзоли како Кинект, ги анализираат движењата и фацијалните изрази на играчите според кои донесуваат заклучоци за тоа дали тие сакаат да замавнат форхенд или бекхенд, или кои емоции ги чувствуваат кога играат одредена игра.

Се што правиме создава некаков дигитален отпечаток за нас, без разлика дали тој отпечаток сме го направиле „онлајн“ или „офлајн“. Границите се веќе непостоечки. Земете го предвид случајот со шопинг центарот во САД, Таргет. Користејќи моќна компјутерска статистика, тие ја откриле бременоста на една тинејџерка пред тоа да го дознае нејзниот татко. Истото го сториле преку картичките кои им ги доделуваат на своите муштерии (нешто слично на Рамстор картичките). Преку овие картички, тие имале увид во шопинг навиките и емаил и домашните адреси на своите муштерии. Откако воочиле дека таа купувала производи типични за бремени жени, испратиле купони за попуст за производи за бебиња до нејзината домашна адреса.

Сите овие податоци се однесуваат на нас, но се податоци кои ние не ги поседуваме. Тогаш кој ги поседува? Конечен одговор на ова прашање нема. Како што навлегуваме во доба во која Интернетот на нештата е дел од ДНК-та на речиси сите објекти од нашето опкружување, толку повеќе податоци ќе бидат создадени од нас, и за нас. Од таму, работите може да тргнат во позитивна насока, и со помош на напредна вештачка интелигенција која ќе ги анализира овие податоци, нашиот живот дури и да се подобри. Од друга страна, постои можност за огромна злоупотреба од различни ентитети. За обете страни од овој спектар, ќе се осврнам во наредните текстови.

Претходна статијаNASA ја тестираше најголемата вселенска ракета во историјата
Следна статија„Најдобрата“ футрола за големите мобилни ви овозможува полесна работа со една рака