Каде мислите дека би имале подобри шанси некој да ви помогне ако имате дупната гума, на некој пуст спореден пат или во некоја метропола среде улица? Иако многу повеќе луѓе ќе ве забележат во гужва во сообраќај, поголеми се шансите некој да ви помогне ако околината е „пуста“.

Причината за ова се нарекува „Bystander effect” или „Ефект на набљудувач“, една од когнитивните предрасуди кои влијаат на нашето размислување и донесување одлуки. Причината зошто нема да добиете помош по градските патишта е едноставна: сите мислат дека некој друг ќе ви помогне „сигурно ќе дојде некој кај и да е“.

Проблемот е најчесто никој не застанува да помогне. Наспроти тоа, на некој пуст пат надвор од градот, ако некој помине и ве забележи, големи се шансите да застане и да ви понуди помош. Наоколу нема никој, и личната одговорност која ја чувствуваат луѓето во тој момент е далеку поголема.

Ова било докажано и во неколку контролирани експерименти. Во еден таков експеримент, испитаниците пополнувале прашалник во затворена просторија. Одеднаш во просторијата избувнува чад. Во една верзија од експериментот, само еден човек бил присутен во собата. Во втората верзија, имало вкупно тројца испитаници.

Кога имало само еден испитаник, тој реагирал после 5 секунди од забележување на чадот. Кога имало тројца, потребни биле околу 20 секунди за некој да реагира. Тие само се гледале еден со друг се додека чадот речиси ја пополнил цела просторија.

Сите го забележуваат чадот и сите знаат дека треба да реагираат. Но, никој не сака да презема акција затоа што мисли дека некој друг ќе го стори тоа. Испитаниците рекле дека чувствувале анксиозност и паника кога избувнал чадот. Но, бидејќи другите не изгледале дека се во паника, не преземале акција бидејќи сметале дека нема голема опасност во моментот.

Неколку пати сум погледнал видеа од луѓе кои снимаат манијаци како мастурбираат или допираат девојчиња во полн автобус. Наместо да преземат нешто и да спречат ситуацијата да ескалира, тие снимаат со својот телефон.

Нареден пат кога ќе видиш дека на некој му треба помош и ќе помислиш дека „некој друг ќе направи нешто“, биди свесен дека сите околу тебе го мислат истото. И тргни да помогнеш.

Претходни текстови за когнитивни предрасуди:

Претходна статијаИздржлива батерија? Toa е возможна мисија!
Следна статијаЕвропскиот суд се грижи за нашите чувства