hungary

Сигурен сум дека не ја пропуштивте контроверзната вест која деновиве беше објавувана низ повеќе светски медиуми, дека владата на Унгарија планира да воведе мерки за оданочување на интернетот во таа земја. Имено, според нацрт-законот предложен од владата на премиерот Виктор Орбан, унгарските интернет провајдери би биле должни да плаќаат приближно 0.49 евра за секој гигабајт интернет сообраќај кон своите корисници. Сето ова со оправдување дека тоа би довело до збогатување на државниот буџет.

Интернет пристап како човеково право

Додека некои земји го признаваат интернет пристапот како основно човеково право, се чини дека Унгарија се движи во обратна насока. Оттаму, не зачудува тоа што десетици илјади граѓани на Унгарија излегоа на улиците низ Будимпешта како дел од најголемиот протест кој е одржан уште од 2010 година, против овaa, но и други антидемократски постапки на нивните законодавци. На прв поглед, оваа предлог-мерка делува зачудувачка, но сепак совршено се вклопува во визијата на Орбан за иднината на Унгарија, која ја замислува како „нелиберална држава“.

Дури и Европската Комисија излезе со став дека овие мерки одат спротивно на насоката во која се движи „дигиталната агенда“ на ЕУ, а тоа е обезбедување на интернет пристап до што е можно поголема популација, притоа нарекувајќи го потенцијалното оданочување на интернетот како „ужасна идеја“.

Двојни даноци

Најважно од се е што оданочувањето на интернетот, иако насочено кон Интернет провајдерите, на крајот ќе им наштети на корисниците, кои ќе се соочат со разни (негативни) последици, како на пример зголемување на цените за интернет пристап. Ова од причина што Интернет провајдерите и покрај тоа што веќе и плаќаат одредени давачки на државата (данок на добивка и сл.), ќе бидат приморани да плаќаат дополнителни даноци. Поради тоа, тие ќе бараат разни начини како да ги намалат своите загуби. Ова нема да им остави голем избор, па така тие ќе бидат приморани да ги зголемат цените за пристап до интернет, кои веќе се прилично високи во Унгарија, во споредба со другите европски држави.

Со неизбежното зголемување на и така високите цени многу од корисниците нема да можат воопшто да си дозволат да имаат интернет пристап. Владата на Орбан на овој начин ги става интернет провајдерите во улога на заложници на поразувачки политики како оваа, а корисниците се тие кои што ќе го извлечат подебелиот крај.

Втора рунда?

За среќа, унгарските граѓани се мобилизираа во протест против овие мерки и нивниот протест вроди со плод. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, откако ја согледа непопуларноста на овој предлог-закон, изјави дека (засега) истиот ќе биде повлечен од разгледување со тоа што според неготреба некако да дознаеме каде точно се слева огромниот профит кој е генериран преку интернет и дали постои начин да задржиме дел од него во Унгарија и истиот да го канализираме во државниот буџет“. Ваквата реторика само го покажува менталитетот на една политика која по секоја цена се обидува да ја задуши иновативноста на еден цел сектор, сектор кој им пружа на граѓаните алатка за слободно изразување и слободна дебата во однос на политиките на една влада кои директно ги засегаат овие граѓани.

bridge

Илјадници протестирачи на мостот „Елизабет“ во Будимпешта

Ова е само една од низата на „брилијантни“ идеи кои се дел од авторитарната политика која ја негува Орбан, а која се базира на масовни оданочувања на приватниот сектор со цел да го „заузда“ буџетскиот дефицит (после воведувањето на дополнителни давачки во енергетскиот, банкарскиот и телекомуникацискиот сектор). Сепак, како што покажа унгарскиот народ, посегањето по нивниот џеб за да се оправда лошото водење на економската политика нема да помине на лесен начин.

Вистински победник во целата ситуација е народот на Унгарија, кои се изборија за своите слободи користејќи ги благодетите на технологијата која владата на Унгарија имаше цел да ја оданочи. Повеќе од 200 илјади граѓани се придружија на Фејсбук групата создадена против овие мерки. Тие докажаа дека интернетот е незаменлива алатка во организирањето на граѓанскиот отпор и е основна платформа за слободно изразување и здружување во 21-от век. Како таков, тој со текот на времето треба да станува се поефтин и попристапен, а не да се отежнува неговата употреба со вакви лоши политички потези.

Тоа што ќе остане запаметено е што овие луѓе гласно изјавија дека секој обид за регулација на интернетот и одземање на нивните права и слободи, ќе биде пресретнат со жесток отпор. Другите земји треба да го следат нивниот пример.

Претходна статијаAlienware значително го надгради концептот на надворешна графичка картичка за лаптоп
Следна статијаХарман работи на супертивок автомобил за возачот