they-took-our-jobs

На Смартпортал често пишуваме со голем оптимизам за влијанието на технологијата врз сите општествени процеси. Се разбира, историјата ни дава одредена комоција за оптимизам, имајќи предвид дека „индустријализацијата не заврши со елиминирање на потребата од работници. Напротив, истата создаде доволно можности за вработување за да го акомодира огромното зголемување на населението во 20-ти век“ (The Economist).

Дополнително, колку и да изгледа интиутивно дека технологијата е job killer, ниту една земја не осиромашила поради технолошкиот развој – напротив. Ова е поради т.н. „ефекти од втор степен“. Првиот ефект е кога технологијата прави одредена работна позиција излишна; но заштедата на трошоци од автоматизација на одредена задача се пренесува во економијата преку пониски цени, повисоки плати за останатите вработени, повисоки профити, или пак комбинација од сето наведено. Ова пак влијае стимулативно врз целата економија и отвара простор за нови инвестиции и вработувања.

Сепак, никој од нас не тврди дека ефектите од напредокот на технологијата ќе бидат само позитивни, за секого. Ќе има и жртви. Како што велам постојано, да се обидуваме да го сопреме или успориме технолошкиот развој е бесмислено (како што увидоа протагонистите од Player Piano), неморално (ако сум јас загрозен од развојот на технологијата, а ти би извлекол корист, зошто моите интереси се поважни од твоите?!) и анти-слободарски (никој нема легитимно право да му се меша во имотот и животот на другите, освен ако директно не го оштетуваш туѓиот имот и здравје). Но, порано или подоцна, ќе мораме да се адаптираме на новото време*, како на индивидуално ниво, така и на колективно, системско – институциите да го подготват теренот за подобро прилагодување или пак барем да не го отежнат процесот.

Пред некој ден разговарвме со Андреј на оваа тема, поточно дали seed loans се едно можно системско решение. Имено, seed loans предлогот на блогерот Spikosauropod е воглавно државно гарантирани заеми кои би биле давани на секого со услов средствата да бидат инвестирани во претходно селектирани (од државата?!) рапидно растечки индустрии. Spikosauropod дава пример со роботи кои би вршеле мајнинг на астероиди низ соларниот систем и би ни помогнале да колонизираме други планети, како и да ја зголемиме понудата на ретки суровини. Но, ваквите потфати ќе изискуваат сериозни капитални инјекции – оттука, преку seed loans всушност скоро секој граѓанин ќе стане инвеститор во овие сектори и ќе си живее среќно и убаво до крајот на животот од дивиденди.

Не навлагајќи во спецификите на решението, она што ми паѓа во очи со овој предлог е дека нуди „скратен пат“ – да не направиме ништо, буквално да си седиме дома и друг да ни го реши проблемот (државата ќе ги селектира индустриите во кои ќе треба да се вложуваат овие средства, државата ќе ги гарантира кредитите, банките би имале сигурна заработувачка бидејќи ризикот ќе биде префрлен на даночните обврзници, сите среќни).

Она што мора да разбереме е дека нема скратени патчиња до решенија за проблеми од ваков тип. Едноставно, секој од нас, порано или подоцна, ќе мора да се прилагоди на модерната ера. Ќе мораме да инвестираме во константно учење на нови вештини (нешто што пак технологијата ни го прави многу достапно и евтино), да ги прилагодиме бизнисите на начинот на кој функционираат и размислуваат новите генерации итн.

Технолошкиот прогрес ќе донесе многу предизвици за секој од нас, но и неограничени можности за успех и наоѓање на своето место под Сонцето. Никој друг освен самите нема да ни биде виновен ако се најдеме на делот каде што највеќе пече. Скратени патчиња нема. Како и во се друго во животот, ќе ни треба многу труд, напор и среќа.

Но, што со системските прилагодување и реформи?! Мора да можеме нешто да направиме како колектив? За ова повеќе во следниот текст.

*Не секој ќе биде исто погоден и во ист период од технолошката револуција. На пример, Центарот за истражување Пју собра околу 2.000 екперти за разни сегменти од технологијата кои подготвија список на најзагрозени работни позиции на краток рок (до 2025 година). На списокот се наоѓаат од сметководители, административни помошници, возачи, паркирачи, па се до адвокати и магационери. За наши услови, мислам дека најзагрозени работни позиции и тоа многу набрзо ќе бидат такси спичер(к)ите, преведувачите и туристичките агенти, воглавно поради страшниот напредок на Uber, AirBnB и Google.

Извор на слика: http://andreguantanamo.com/2013/08/16/malevolent-machines/.

Претходна статијаOutlook.com доби поддршка за зачувување на фајлови директно во OneDrive
Следна статијаGoogle планира да стане виртуелен мобилен оператор преку мрежите на Sprint и T-Mobile