Последниве неколку години, се поголем број на корисници на интернетот се соочуваат со надгледување на сите нивни акции што ги прават онлајн, дури и при четување со пријателите во својот омилен чет клиент. Опасноста некој да го чита тоа што го пишувате со вашите пријатели е вистинска и нормално, многу од Вас би сакале да се заштитат од тоа, бидејќи нели – не секој од нас е криминалец.

Додека кај нас надгледувањето преку интернет не е толку развиено, можам да потврдам и самиот дека лично имам доживеано некои информации за мене да протечат во јавноста, од личности кои се веројатно блиски до властите кои имаат моќ да надгледуваат и пресретнуваат некои комуникации на интернет. Поради ова, станав многу попретпазлив за тоа како ја користам интернет мрежата и истражив неколку решенија кои ќе ви помогнат и Вам во подобра заштита.

Да не бидам разбран погрешно –  прислушувањето и пресретнувањето на информациите е важно за откривање на многу терористички мрежи и воопшто за намалување на криминалот, но факт е дека црвената линија се поминува и почесто од потребното, па затоа и препораките подолу. Тие се инаку преземени од Vice, но скратени и објаснети на „наш јазик“.

Истражете од каде ви доаѓа опасноста
Една од најважните работи кои треба да ги направите е да истражите од каде доаѓа опасноста, односно каде е најлесно некој да најде или пресретне ваш разговор. Да, има многу апликации кои ќе ви овозможат четување со вашите пријатели многу безбедно, без можност за пресретнување, но што ако потоа полицијата го заплени вашиот телефон и ги види истите разговори директно во него? Бидете сигурни дека тие прво ќе побараат токму во „заштитените“ апликации. Исто така, ова е одличен начин да се заштитите и од некој близок од кој сакате да скриете нешто. Одличен пример за тоа е четувањето со пријателите во вграден чет во игра на една жена која била редовно измачувана од својот партнер. Сигурно никој не би претпоставил дека четувате преку игра, нели?

Користете енкриптирани чет клиенти
Скоро секој интернет корисник кај нас е веќе закачен на Messenger и Viber, а во помал број и на Whatsapp, но тие чет клиенти можат да бидат лесно пресретнати од трета страна и не се безбедни за оние кои сакаат нивните разговори да бидат вистински приватни. Додека досега немало случај кај нас на некого да му биде пресретнат разговорот на Messenger, тоа во светот веќе се случува и затоа препорака е да инсталирате чет клиент со енкрипција на двете страни. Најдобар за ваков тип на комуникација е Signal Private Messenger, кој е достапен за сите мобилни платформи (Android и iOS) и кој е супер лесен и едноставен за користење.

Енкриптирајте го својот диск
Независно од тоа дали користите смартфон, таблет или компјутер, сите имаат опција за енкриптирање на податоците. Ова значи дека доколку го извадите дискот (или флеш меморијата кај телефоните), нема да може да им пристапите на податоците, освен ако не се внесе лозинката (која претпоставуваме дека само вие ја знаете). Денес, секој Android смартфон има вградена енкрипција на дискот (побарајте во Settings), а истото важи и за секој iOS уред и за секој Windows, Linux и Mac OS компјутер. Всушност, ако веќе имате ставено лозинка на вашиот уред и со неа секогаш го отклучувате, големи се шансите тој да е веќе енкриптиран. Срочено – доколку властите ја немаат вашата лозинка (на пример од компјутерот), скоро и да нема да можат да им пристапат на податоците во него. Бонус – лозинка е подобра заштита од отпечаток на прст на пример, бидејќи може да биде побарано да го употребите вашиот прст за отклучување на телефонот.

Заштитете ги микрофонот и камерата на вашиот уред
Хакерите, а воедно и властите, можат многу лесно да пристапат до вашиот микрофон и камера и тоа кај сите уреди кои ги имаат. Всушност, денес скоро секој паметен уред има константно пуштен микрофон, кој би требало да ги слуша вашите команди, како на пример “Okay Google” или “Hey Cortana”, но истиот може да се искористи и да сними некој ваш разговор дури и ако телефонот е целосно исклучен. Истото важи и за вашата камера, која исто така може да биде пуштена од трета страна. Наједноставен начин е да залепите нешто на вашите микрофон и камера, но исто така да бидете претпазливи што правите во нивна близина.

Не користете свој мејл сервер
Ова особено важи за помалите компании, од кои многу и натаму користат свои мејл сервери. Доколку не сте навистина обучени, вашите мејлови скоро секогаш ќе бидат лесно достапни на властите и затоа подобар избор е да користите мејл клиент од некоја реномирана компанија. Да, многу од нив можеби и би ги дале информациите на властите доколку тие побараат, но тоа се случува само ако сте некој навистина голем криминалец или терорист. Ако сте „нормален човек“, тогаш сте супер безбедни со Gmail, Outlook и сл.

Користете Tor прелистувач
Tor прелистувачот е многу популарен кај луѓето кои сакаат да пристапат на темната страна на интернет мрежата, каде се прават секаков тип на трансакции и каде може да се наиде на многу забранети работи, но истиот е одличен избор за оние кои не сакаат да бидат видени отстрана додека сурфаат на интернет. Додека сурфате преку овој прелистувач, никој нема да може да види што правите на интернет, дури ни вашиот оператор. Негова негативна страна е тоа што е многу бавен, бидејќи секој податок мора да помине преку “Onion Router”, односно сервери кои ги пренасочуваат информациите. Како и да е, тој е одличен за користење на јавни Wi-Fi мрежи, кога обично тој се користи само за сурфање или прелистување социјални мрежи. Од друга страна, користењето на VPN мрежи скоро сигурно нема да ве заштити, бидејќи властите можат да ги преземат податоците од нив.

Бидете претпазливи во тоа каде ги користите вашите кредитни и дебитни картички
Доколку сакате да бидете целосно заштитени на интернет мрежата, тоа нема да може да го направите доколку постојано ја користите вашата кредитна картичка. Трансакцијата која ќе ја направите секогаш може да биде поврзана со вас, а банките се особено познати по тоа што ги даваат сите ваши информации на властите. Во превод, сомнителните трансакции скоро сигурно ќе стигнат до властите.

Сретнете се во лице
Доколку сакате да поразговарате приватно со некого, сретнете се лице во лице, нормално оддалечени од вашите електронски уреди или пак во јавност, каде има поголема бучава. Навистина, побезбеден начин да комуницирате од говор нема, бидејќи тука не останува никаква трага.

Извор: Motherboard

Претходна статијаFacebook може да побара слика за да докажеме дека не сме ботови
Следна статијаDatally – нова апликација од Google за заштеда на интернет сообраќај