Џон Рајли и Колин Фарел во The Lobster (2015) - IMDB

Јастогот е филм што слично како и Олдбој и ред други филмови, одложував да ги гледам од една или друга причина. Паразит ми беше откровение од оваа листа. Порано годинава, позитивно изненадување ми беше Брд Бокс. Сега на листата се приклучува и Јастогот.

Во Јастогот, Колин Фарел го толкува Дејвид, средовечен маж кој штотуку е откачен од својата сопруга. Ќе си речете ништо страшно, ќе ја надмине болката. Проблемот е во тоа што во Јастогот, облозите се големи. Ако останеш сингл, влегуваш на радарот на Државата. Тие што се самци, веднаш се контактирани од „надлежните“ и се носат во некој вид на карантин. Во овој случај, Дејвид го носат во хотел сместен покрај некое мирно крајбрежно градче.

Во хотелот живеат и многу други луѓе што се во слична ситуација. Дејвид, како и сите други осамени души во хотелот, при чек-ин во хотелот го информираат дека има 45 дена да си најде нова девојка. Ако не успее во тоа, го претвораат во животно по негов избор (една девојка ја претвораат во пони кога ќе и истече времето). Животното што Дејвид го одбира е јастог (оттаму и насловот). Причината за неговиот избор е тоа што јастозите „живеат долго“ и „плодни се до крајот на животот“.

Во неколку сцени дознаваме како општеството во Јастогот ги третира паровите, а како самците. Мастурбацијата се смета како најголемо зло. Мажите ги тизаат речиси до оргазам, како начин да им покажат што пропуштаат. Се организираат и кратки претстави, во кои жените кои што се сами се лесен плен за потенцијални силувачи, додека жени во друштво на маж се прикажани како ултра-безбедни кога се надвор. Во една сцена, Дејвид се наоѓа во трговски центар во некој поголем град. Полицаец му се приближува во рок од 5 минути да го распрашува зошто е сам.

Ликовите во Јастогот се безнадежни и не покажуваат никакви емоции. Личат на поразени. Претежно од начинот на кој што се третирани поради тоа што се сами. Се насетува нивниот внатрешен бунт, но и неможноста нешто да сторат за да се спасат, во ситуација кога системот е против нив. Во хотелот нема можност за хомосексуални парови, дури нема и меѓу број на чевли. Се е црно-бело. Или си геј, или си хетеро. Или си вљубен, или несреќен.

Режисерот Јоргос Лантимос вели дека бил инспириран од начинот на кој општеството гледа на романтичните двојки – како дифолтна состојба, а ги третира сингл луѓето како оштетени. Но, мислам дека неговиот филм дава и коментари подлабоки од тој. Некои можеби ненамерни. Ликовите во Јастогот го жртвуваат својот идентитет и индивидуалност за да се однесуваат во согласност со нормите поставени од државата. Или тоа, или ќе бидат казнети на екстремно суров начин.

Во очаен обид да најде партнер, Дејвид драстично го менува својот карактер за да привлече жена чиј надимак е „Жената без душа“. Друг лик го мава својот нос од тврди површини додека не прокрвари, со цел да привлече девојка чиј нос редовно крвари. Тоа е можеби екстремно за нашето сегашно општество, но не е предалеку. Не треба да се погледне подалеку од Инстаграм, Тиндер и слични апликации.

Јастогот е одличен филм. Тргнете го од чекалната и дајте му го вниманието што го заслужува.

Претходна статијаРусија се исклучи од светската интернет мрежа како дел од планираниот тест најавен на почетокот од годината
Следна статијаApple наводно работи на развој на сопствени сателити преку кои би се поврзувале iPhone и другите уреди