Приватноста е една од главните заштитни бариера на сите останати права во денешното општество. Ако некој – особено државни институции – ви го пробие везот на приватноста, ранливи сте на секое поле.

И, навидум, постои нелагодност и негодување кај голем број граѓани за предложените „реформи“ на УЈП да ги гледа банкарските сметки на сите граѓани (орвеловски презентирано како „подобрување на услугите за граѓаните“). Секако, тоа негодување тешко да се конвертира во глас ПРОТИВ кај пратениците кои наводно ги застапуваат граѓанските интереси, но тоа е веќе друга тема. Поентата ми е дека треба многу повеќе да се работи на свеста на граѓаните за финансиска приватност, иако во голема мера е интуитивна кај нас сите.

Пред извесен период, истражувачи од Федералните резерви на САД објавија одлично истражување на тема финансиска приватност. Во истражувањето се анализира судирот помеѓу две спротивни случувања – „зголемената свест и грижа за заканите кон финансиската приватност и зголемениот притисок од владите да се напушти кешот и да се премине кон нови електронски пари [со што се намалува приватноста по дефиниција: м.з]“. Авторот наведува дека постојат „повеќе потреби за приватност“, и иако најголем предизвик се нелегалните активности луѓето имаат оправдано право на приватност во своите финансиски активности.

Потоа, во студијата се анализира кој би бил подобар во однос на заштита на приватноста во финансиските активности – приватниот сектор или владите и централните банки. Авторот заклучува дека „на сите институции, јавни или приватни, во одредена мера не може да им се верува – само ќе бидат проблематични на различен начин. Граѓаните не се заинтересирани во апсолутна гаранција на приватноста; ние едноставно сакаме да биде разумно тешко да се пробие приватноста, односно да може да се пробие само на транспарентен и легитимен начин. Решението?“ Комбинација на добра регулатива, но главни играчи да бидат приватните компании кои имаат посилни технички способности за заштита на приватноста на корисниците (и поголем stake – повреда на приватноста на нивните корисници за голем дел (очигледно, не за сите) значи клуч на врата или сериозен удар врз репутацијата и профитот), а Државата да игра заштитна улога преку паметна регулатива.

Она што е аномалија на студијата е што не се анализираат и криптовалутите, односно отворени и транспарентни блокчеини со вградени механизми за заштита на приватноста без да мора корисниците да се потпираат на довербата кон трета страна. Во свет во кој приватноста игра се поголема улога, а е се посилно изложена на закани, Биткоин (ќе) има огромна улога.

Претходна статијаНЕ – за мобилен телефон зад воланот! Без изговори, без оправдувања
Следна статијаТоп 7 текстови/видеа за секој ден од неделата (3)
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.