Освен тоа што е земја каде што често можат да се видат „Северните светла“, и земја од која потекнува Планината од Игра на престоли, Исланд е исто така совршеното легло за копање на криптовалути.

Но, зошто е тоа така? Исланд не е познат по тоа што е хаб на стартапи или по огромните инвестиции во технолошкиот сектор. Сепак, неговата географска местоположба (среде Атлантскиот океан) е број 1 причина поради која крипто-компаните вложуваат напори за проширување на нивниот бизнис во овој скандинавски бисер.

Иако цената на Биткоин и на другите крипто-валути е во променлива состојба во последниве неколку месеци (сегашната вредност е некаде околу 7 илјади долари), сепак пазарот на крипто-валути е во постојан пораст. Се повеќе компании се бават со тргување и копање на крипто-валути. А како што расте пазарот, се зголемува и побарувачката за евтина и стабилна електрична енергија потребна за безбедно оперирање со овие валути.

Тука влегува Исланд во приказната. Изобилството на речни извори и ладната клима се поволности кои го намалуваат ризикот од уништување на центрите за копање на крипто-валути. Односно, се намалува ризикот од нивното прегревање. Дополнително, Исланд произведува околу 80 проценти од енергијата преку хидроцентрали и геотермални извори. Како споредба, САД произведува само 6 проценти користејќи го овој метод.

Поради тоа, јасно е зошто Исланд е привлечен за оваа цел. Се работи за земја која редовно се справува со температури далеку под нулата и чие производство на електрична енергија се заснова на природно обновливи извори.

Но, енергетските потреби за управување на ваков центар се енормни. Сметките за електрична енергија на компанијата Genesis, која пред неколку години ги пресели своите операции во Исланд, изнесуваат по неколку милиони евра на месечно ниво.

Во Исланд, потрошувачката на електрична енергија за копање на крипто-валути далеку го надминува нивото на вкупната потрошувачка на тамошните домаќинства. Дури, постои загриженост дека земјата нема да успее да се сноси со растечката побарувачка и бројот на нови компании на пазарот на крипто-валути.

Исланд се наоѓа пред голем предизвик: тие треба да продолжат да ги привлекуваат компаниите кои сакаат да добијат влез на нивната почва, а притоа да изнајдат начин да ги задоволат нивните се поголеми потреби за електрична енергија.

Интересно ќе биде да се следи оваа динамика на односи, но и ставот на други земји во слична положба на Исланд.

Претходна статијаПрви импресии – Vivax Fly V1 – Дефинитивно „предобар“ уред кој ќе ве изненади со перформансите
Следна статијаПрва Национална конференција за проектен и ИТ менаџмент во Скопје