Ќе го почнам овој текст со изјава која не ја слушате често: денеска, како никогаш порано во историјата на човештвото, на врвот на хиерархијата (воглавно) се најпаметните меѓу нас.

Иако старите играчи (нафтените магнати, банкарите и сл.) се’ уште се моќни играчи, светот вртоглаво се менува. Светот пополека го превземаат ИТ и технолошки лидери, а се што е „legacy“ е под сериозна закана да биде „изедено“ од ИТ индустријата во наредните 10-20 години.

Дури и интуитивно очигледно е дека постои силна врска помеѓу технологијата и нееднаквоста. Како што е објаснето во текстот во Економист, последните истражувања го поткрепуваат ова и со солидна емпирија.


Економистите долго време теоретизираат за т.н. “skill-biased tech change” – технологијата и Интернетот не се „неутрални“ фактори во севкупниот економски развој; оние кои се побогати со технолошки вештини имаат уште поголема ќар од напредокот на технологијата од оние кои се на другата страна од спектрумот ИТ вештини.

Имено, пред неколу месеци професор Кристофер Поликин објави истражување на ефектот врз платите на вработените во исти фирми од воведување на Интернет во Бразил во периодот 2000-2009. Резултат? Севкупно, платите пораснале за 2,3% после воведување на пристап до Интернет во фирмите кои биле предмет на истражувањето vs фирмите кои немале пристап во истиот период. Во согласност со теоријата за biased tech промени, сепак најголемите покачувања ги добиле повисоките стручни позиции (пр. директорите имале по 8-9% покачување).

Слично е и на ниво на фирми. Светот – и Македонија – се дели на сектори во кои има фирми каде што вработените имаат високи плати (ИТ, банкарство, телекомуникации) vs останатите. Како напредува технологијата, иако главниот ќар го чувствуваме сите како consumer welfare, сепак многу повеќе го осеќаат во џебот оние во веќе-добро платените индустрии vs сите останати.

Резултат – нееднаквоста се зголемува (секако, има и други воглавно политички фактори) и всушност ЌЕ се зголемува. Секако, ова е лошо само доколку ова е неправедно или додека е на сметка на стандардот на другите – нешто што не е случај ни за едното ни за другото.


Оние кои сакаат да ја експлоатираат темата од политичко-идеолошки побуди (генерално, повеќето што се центар-лево) ќе го гледаат ова како оправдување зошто да не се превзема ништо. Односно, дека ваквите аргументи и истражувања само го штитат постојниот поредок и ги кочат нивните реформи кои би ја намалиле нееднаквоста. Реалноста е дека секој проблем треба добро да се идентификува за да се разгледаат и тестираат соодветни решенија. Во спротивно, политиките ќе направат поголема штета отколку корист – без разлика на (најверојатно) добрите намери.

Се на страна, најверојатно најважно нешто што може да го направи една држава е сериозно да инвестира во/стимулира учење на ИТ вештини. Се друго се ќорци – ако целта е намалување на нееднаквоста (што е дискутабилно).

Претходна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#5)
Следна статијаWindows 7 почнува да губи корисници во последната година од неговото постоење
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.