Досега добро се познати незгодите на автомобилската компанија Tesla со нивното темпо на производство на електричните автомобили (најновиот Model 3). Компанијата се мачи да ја достигне својата цел од производство на 5000 автомобили на неделно ниво. Засега, тие се на далеку пониско ниво од ова (како што наведе Елон Маск, Tesla моментално произведува околу 3500 автомобили на неделно ниво – или 500 автомобили во еден ден, што сама по себе е фрапантна бројка).

Се додека Tesla не ја достигне целта од производство на 5000 автомобили неделно, ќе продолжи да биде во загуба. Доколку ја оствари, ќе стане профитабилна. Оттаму, Tesla се наоѓа во “make or break” ситуација чија разрешница треба да се случи во наредните неколку недели.

Меѓутоа, оваа информација е проследена со неколку „спорадични“ вести кои ја здрмаа компанијата.

Минатата недела Tesla објавија дека отпуштиле 9 проценти од своите вработени (околу 3000 ако сакаме да бидеме прецизни). Причината за тоа е „реорганизација“ на компанијата со цел истата да стане поефикасна. Претходно, Маск се соочуваше со критики од јавноста во однос на повредите што ги претрпеле неколку вработени во фабриките на Tesla, кои наводно биле затскриени од компанијата, како што Reveal наведоа во својот извештај.

Актерката Мери Мекормак, пред некој ден објави видео во кое се гледа опожарен Tesla Model S. Пожарот не бил предизвикан од надворешни околности. Tesla го нарече овој инцидент „екстремно необичен“.

Значи, Маск се справува со секакви предизвици во последниов период. Но, истите не престануваат.

Последната контроверзија доаѓа откако во неделата Маск ги информирал своите вработени во Tesla дека помеѓу нивните редови е откриен „крт“, односно вработен кој го саботирал успехот на компанијата и оддавал доверливи информации на трети страни.

Од друга страна, истиот вработен (Мартин Трип) тврди дека постапувал во својство на свиркач (whistleblower). Тој вели дека открил повеќе неправилности во работењето на Tesla за кои сметал дека треба да знае јавноста. Меѓу овие „неправилности“ тој ги вбројува 1100-те фалични батерии кои биле вградени во Тесла автомобилите и неправилното справување со отпад од страна на компанијата.

Само параноичните преживуваат

Од сево ова не можеме да заклучиме многу работи, освен тоа дека Tesla е во незавидна положба периодов. Период од кој зависи нејзината иднина.

Маск ги предупредил своите вработени на опасности кои можат да дојдат од „надвор“ во наредниот период. Како можни причинители на штета тој ги наведува нафтените и автомобилски гиганти кои се засегнати од потенцијалниот успех на Tesla. Можеби е во право, можеби не. Како што тој го цитираше покојниот ЦЕО на Интел, Енди Гроув „само параноичните преживуваат“.

Со оглед на тоа што Tesla и Маск се на страната на иновациите и напредок на човештвото, нивниот неуспех би бил трагичен.

Претходна статијаFacebook започна со тестирање на групи со месечна претплата
Следна статијаЈавните личности праќаат порака: Го сакам градот безбеден