Секоја буква што ќе ја напишеме „онлајн“ ќе биде прочитана. И тоа, не само од тие кои што сме сакале да ја прочитаат. Различни ентитети се во лов по нашите податоци, кои се грижат само за својот интерес или сакаат да ни наштетат. Често под закрила на „националната безбедност“.

Шпионирањето никогаш не било полесно, благодарение на технолошкиот напредок. Секој од нас во својот џеб има мобилен уред кој е способен да складира огромни бази на податоци.

Но, не е потребен ниту некој преголем напор за некој да следи што правиме онлајн. Самите го правиме тоа, дали преку Фејсбук, Инстаграм или Снепчет. Удобноста која ни ја нудат современите комуникациски технологии предизвикува конформизам во нашето размислување. Односно, ја жртвуваме безбедноста “in the long run” на сметка на удобноста која ја чувствуваме во моментот.

Апаратот за шпионирање се зголемува 

Уште од 2013 година кога Сноуден се појави со експлозивните откритија, станавме посвесни за начинот на кој светските влади ја нарушуваат нашата приватност. Тезата дека ги следат нашите комуникации стана факт. Шегата според која Мијалков може да пише „на било кој мејл“ не изгледа толку смешно во моментов.

Самите ние бевме сведоци на тоа дека мобилните телефони на политичари, новинари, бизнисмени и други луѓе се следат. Не е важно од кого, важно е дека се следат.

Можеш ли да ја жртвуваш својата удобност? 

Не е потребен преголем напор за да ја зголемите вашата приватност сега, во овој момент. Прашањето е дали сакате. Ако одговорот е да, тогаш следните чекори се јасни. Можеш да пробаш да пребаруваш на DuckDuckGo наместо на Гугл. Да, можеби резултатите нема да бидат толку обемни, но сигурно ќе те одведат во правилна насока.

Можеш и да ја инсталираш екстензијата HTTPS Everywhere. Или да го користиш прелистувачот Aviator наместо Гугл Хром. Постојат и низа други опции, но важен е почетокот.

Дали во иднина воопшто ќе може да говориме за приватност? 

Како стојат работите, приватност ќе имаме само ако се оддалечиме од цивилизираното општество и се преселиме во дивината. Развојот на виртуелната реалност, на биохакирањето, се поголемиот продор на социјалните мрежи и наклонетоста на компаниите да собираат што повеќе податоци за корисниците се работи што ќе ја поробат приватноста, или ќе ја направат луксуз.

Но, тој момент не е пристигнат, а приватноста се уште не е мртва.

Претходна статијаSamsung на присутините на Unpacked ќе им го прикаже Galaxy S9 преку проширена реалност
Следна статијаOpportunity пронајде доказ за постоењето на вода на Марс?