Во првиот дел од овој текст накратко го објаснивме еден од теоретските столбови врз кои е создаден Bitcoin – монетарната теорија на Австриската економска школа, односно идејата дека пазарен-монетарен поредок каде што постои конкуренција на провајдери на пари и граѓаните имаат избор кои валути ќе ги користат е подобра алтернатива од монетарен поредок каде што Државата има монопол врз парите.

ОК, но што не чини со постојниот систем за да очајно да бараме алтернатива?

Теорија на бизнис циклуси 

Теоријата на бизнис циклуси на Mises и Hayek е всушност теорија дека економските кризи не се инхрентни на пазарната економија туку се предизвикани од монополот на Државата врз парите и фракционото банкарство (на пошироко, видете тука; ако имате повеќе интерес, видете ги нивните класици од типот на What Has Government Done to Our Money или барем прикаченото видео).

Едноставно кажано, кога централните банки ги спуштаат референтните каматни стапки под „природната стапка“ вештачки го поевтинуваат капиталот. Инвеститорите, измамени од пореметените каматни сигнали, вложуваат во проекти за кои нема доволно побарувачка ниту пак се базираат на одржливи основи. Економската криза настапува кога овие дисбаланси веќе не можат да се одржуваат со ниски каматни стапки и централните банки почнуваат да ја подигаат референтната стапка. Балонот пука. Парите губат вредност. Граѓаните губат доверба во парите.

Според Австријците, во конкурентен пазарен монетарен поредок кога некој ентитет ќе почне да си игра со вредноста на валутата, граѓаните ќе изгубат доверба и ќе се префрлат кај конкурентот. Ќе победат оние валути кои ќе покажат долгорочна стабилност и ефикасност во извршување на функциите на парите.

Поради горенаведеното, Bitcoin е моделиран по концептот на злато, со одредени подобрувања:

  • децентрализиран процес на креација на пари (mining)
  • trustless механизам на доверба (public decentralized blockchain на кој се регистрираат трансакциите),
  • ограничен износ на емисија на биткоини (21 мил. биткоини ќе има вкупно) кои се емитуваат по однапред позната стапка, итн.

Клучно е што не постои еден центар на контрола на системот кој може да си игра со вредноста на валутата. А Bitcoin пак има стотици конкуренти кои се обидуваат да му го земат тронот.

На крај, зошто е сето ова важно? За оние кои се залагаат за слободен пазар успехот или неуспехот на криптовалутите е многу повеќе од шема за збогатување, нова технологија и сл. Успехот на криптовалутите претставува real-life experiment, тест на монетарно-либералните идеи кои „Австријците“ ги дискутираат и застапуваат повеќе од 100 години, уште од кога Carl Menger, „таткото“ на Австриската економска школа, го објави делото On the Origins of Money во 1892г..

А ако (с)е во право, ќе го изместат политичкиот и економскиот систем во корист на граѓаните, слободата и изборот како никогаш претходно.