Долгата и густа брада пред неколку години се сметаше како ретка појава кај мажите. Таквиот изглед, во комбинација со карирана кошула и жолти чизми се сметаше како „хипстерска“. Денес е редовна појава по светов. Зошто е тоа така?

Науката (можеби) го има одговорот

Во својот научен труд, Jonathan Touboul се обидува да понуди одговор на однесување на луѓето во општеството. Тој анализира зошто некои луѓе се обидуваат да се однесуваат, облекуваат и изгледаат спротивно на пошироката маса на луѓе. Односно, тој го анализирал т.н. Хипстер парадокс, според кој кога голем број на луѓе постапуваат спротивно на „мејнстримот“, после некое време тие самите стануваат мејнстрим.

Интересно е и како го опишува целиот круг на создавање и преминување на општествените трендови. Кога мејнстрим конформистите се однесуваат на еден начин – да речеме дека секојдневно се бричат – „бунтовниците“, односно хипстерите, одлучуваат да постапуваат спротивно и да дозволат брадата да им порасне. После некое време, конформистите го прават истото, терајќи ги хипстерите да почнат редовно да се бричат за да се разликуваат од мејнстримот.

На овој начин, хипстерската и мејнстрим популација постојано ги менуваат своите позиции. Но, хипстерите ненамерно создаваат трендови, обидувајќи се да ги избегнат претходно воспоставените.

Приказната за истражувањето беше прв пат објавена од MIT Technology Review, чиј напис беше проследен со фотографија од човек со капче и карирана кошула. Како последица, некој рандом тип се заканил дека ќе ги тужи поради неовластено користење на фотографијата на која што тврдел дека тој бил прикажан.

МИТ почнале да копаат по вистината и откриле дека човекот на фотографијата е модел а не лицето што се заканило со тужба. Односно, човекот ја докажал поентата на истражувањето. Хипстерите толку многу се трудат да изгледаат различно што не можат да се разликуваат еден од друг.

Претходна статијаFirefox Send е нов сервис за испраќање на датотеки со акцент на приватноста
Следна статијаFirst principles: Како размислува Елон Маск